Со владините мерки цените на основните производи ќе се намалат до 10 отсто, најави Ковачевски
- Последната мерка на Владата која наскоро започнува со реализација е мерката за субвенционирање на цената на струјата за прехранбената индустрија. Со оваа мерка компаниите кои произведуваат ма

- Последната мерка на Владата која наскоро започнува со реализација е мерката за субвенционирање на цената на струјата за прехранбената индустрија. Со оваа мерка компаниите кои произведуваат масло, млеко и млечни производи, житарки и леб од сега ќе плаќаат пониски сметки за струја, но ќе мора да ги намалат и цените на финалните производи. Според првичните проценки, очекуваме намалување на цените на основните производи и до 10 проценти, изјави Ковачевски.
Тој информира дека производството на струја е максимилизирано и веќе неколку денови ЕСМ произведува електрична енергија што задоволува 100 отсто од домашните потреби.
- Бидете спокојни, струја ќе има доволно и постојано за целиот период од кризата, но треба и секој од нас да покаже рационалност и да штеди, нагласи Ковачевски.
- Пензионерите со пензии до 14.000 денари, самохраните родители, примателите на гарантирана минимална помош, стечајните работници, ќе добиваат помеѓу 1.500 и 3.000 денари во следните четири месеци како помош да се справат со кризата. Сосема различен пристап од антидржавниот и деструктивен однос на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кој гласи: кочење, блокади и фабрикување лаги и невистини, додаде Ковачевски.
Тој истакна дека има план и визија, посветен е на целта и побара обединување околу европскиот концепт, а се осврна и на редовните парламентарни избори во 2024 година.
- Токму на тие избори, ќе се судрат два концепта, едниот предводен од мене, којшто е проевропски концепт, кој значи членство во ЕУ со заштитен македонски идентитет, горди граѓани со сигурна иднина и побогати. Вториот е предводен од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кој значи враќање назад во неизвесност и во изолација. Јас сум решен и одлучен и ви велам дека ќе успееме. Ќе успееме заедно и во 2024 година проевропската коалиција предводена од СДСМ ќе биде победничка коалиција за Европска Македонија, истакна Ковачевски, додавајќи дека СДСМ денес е консолидирана партија која е вратена на победничките патеки.
Тој во обраќањето упати критика на работењето на локалната власт во Прилеп.
- Самите гледате дека овде во Прилеп нема ниту еден нов проект, можеби нешто се довршило од претходниот градоначалник од СДСМ, ама нов проект нема. Нула! Ама затоа имате поскап јавен превоз, поскап паркинг. Наместо да понудат помош и поддршка, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ удираат по џебот на граѓаните, бараат пари од Владата, а во работно време на општински настани го шетаат шпицниот кандидат Мицкоски и му реферираат пред камери. Ништо не се менува, иста школа иста матрица, истакна Ковачевски.
Тој рече дека Владата обезбедила средства за патот на влезот во Прилеп од страна на Крушево и за водоводот за манастирот Трескавец, но Општината потфрла и се уште нема реализација.
- Но, затоа СДСМ е тука за прилепчани. На самиот крај е реконструкцијата на патот на превојот Плетвар, инвестиција од 4 милиони евра. Интензивно се работи за следен проект да биде и негово проширување онаму каде не постои трета лента. Ете затоа немаат доверба граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ, затоа изгубија на предвремените локални избори во август, затоа ќе изгубат и на редовните парламентарни избори во 2024 година, нагласи Ковачевски. ем/сп/
https://www.youtube.com/watch?v=B25k-_VTVQc