Сојуз на тутунски здруженија: Откупот на тутунот ќе се интензивира, но откупувачите молчат за повисоки цени
- Да се интензивира откупот на тутунот и со анекс во договорите да се зголеми откупната цена и просечно да изнесува околу 420 денари, побара Сојузот на тутунските здруженија на средбата со откупувачите во земјава.
Прилеп, 24 ноември 2024 (МИА) - Да се интензивира откупот на тутунот и со анекс во договорите да се зголеми откупната цена и просечно да изнесува околу 420 денари, побара Сојузот на тутунските здруженија на средбата со откупувачите во земјава.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот, откупот од утре ќе се интензивира, но откупувачите молчат на барањето за зголемување на цената.
-Од утре веќе 50 отсто од откупните пунктови во земјава ќе бидат отворени и ќе се интензивира откупот на тутунот. Засега, не се знае само кога Прилепскиот тутунски комбинат ќе го почне откупот. На средбата, на откупувачите им го поставивме барањето за зголемување на цената во просек да изнесува 420 денари, но откупувачите мудро молчат и не се изјаснуваат. Ние не се откажуваме од барањето со анекс на договорите да се зголеми цената, но како што стојат работите, тоа ќе ја отежни откупната кампања, изјави Ристески.
Од 18 ноември досега се откупени околу 20 тони тутун по просечна цена од околу 370 денари за килограм.
-На откупувачите им нагласивме дека се во заблуда да очекуваат над 20.000 тони тутун од реколтата, зашто реално родот е околу 16.000 тони. Ние остануваме на барањето за повисоки цени. Инаку, како предлог имаме доставено до Секторската подгрупа при Министерството за земјоделство да се има предвид можноста во наредниот период да има пренамена на површините со други култури и нивно субвенционирање. Со тоа откупувачите ќе загубат, а ние како производители може да продолжиме со производство, но на други култури, рече Ристески.
Тој нагласи дека како Сојуз го имаат доставено предлогот до потсекторската група и годинава линеарното субвенционирање да биде100 денари.
-Од министерот за земјоделство имаме поддршка и за секој проблем што би се појавил во текот на откупната кампања може да се обратиме за да се најдат решенија, нагласи Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија. ем/вј/
Фото: МИА