• понеделник, 23 декември 2024

Социјалното претприемништво може да поттикне социо-економски развој во регионот на Западен Балкан, порача Битиќи

Социјалното претприемништво може да поттикне социо-економски развој во регионот на Западен Балкан, порача Битиќи

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Социјалното претприемништво е вредност што може да донесе добро за сите, може да поттикне социо-економски развој во целиот регион. Тоа може да помогне да се решат некои од најголемите предизвици и незадоволени социјални потреби со кои се соочуваат нашите општества, како што се сиромаштијата, невработеноста и социјалната исклученост, но и да се решат, па дури и да се надминат еколошките проблеми.

Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на вториот Регионален форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО, на сесијата која беше посветена на актуелната состојба на Западен Балкан во однос на социо-економскиот развој.

-Претприемништвото со развиени општествени функции и цели треба да го препознаеме и како извор за одржливост на економскиот раст, бидејќи содржи иновативни пристапи и потенцијали за откривање нови пазарни сегменти, отворање работни места и поттикнување на локалната економска активност. Како што се движиме по патот кон интеграција во Европската унија, од суштинско значење е да се зајакнат заедниците преку развивање на социјалното претприемништво како модел на инклузивен раст, во кој ранливите и маргинализираните групи се вклучени, ангажирани и овластени за економско учество и успех, рече Битиќи.

Нагласи дека во земјите од Западен Балкан се креираат и спроведуваат многу национални политики за развој на социјалните претпријатија, со цел да се поддржи социо-економскиот развој.

-Растечката мрежа на здруженија, фондации и граѓански организации кои ги поддржуваат социјалните претприемачи и се грижат за луѓето со помалку можности е охрабрувачка, рече Битиќи.

Нагласи дека земјава посветено работи на создавање услови за развој на социјалното претприемништво и ја спомна Националната стратегија за развој на социјалните претпријатија 2021-2027 година, која, како што рече, ја препознава и ја признава нивната улога како активни учесници во транзицијата кон поправедна, поинклузивна и одржлива економија, особено во циркуларната, паметната и зелена транзиција.

-Со имплементација на законот за социјално претприемништво, кој е во завршна фаза, социјалното претприемништво ќе биде системски регулирано, со јасно дефинирани процедури и критериуми за основање социјални претпријатија, со изградени соодветни финансиски инструменти, рече Битиќи.

Порача дека земјите од Западен Балкан треба да ја зајакнат регионалната соработка за да можат социјалните претприемачи да споделуваат знаење и ресурси.

-Треба да ја подобриме конкурентноста на социјалните претпријатија за да можат да се натпреваруваат надвор од националните пазари. Но, треба да ги искористиме и можностите што ги носи дигитализацијата за континуирано создавање на нови и иновативни социјални претпријатија. Ова не само што ќе не направи поатрактивни партнери за ЕУ, туку ќе ја зајакне нашата колективна регионална отпорност и конкурентност на глобалната пазарна арена, посочи Битиќи.

Со прифаќање и поддршка на социјалното претприемништво, како што кажа, земјите од Западен Балкан треба да ја искористат својата трансформативна моќ за да го забрзаат својот пат кон членство во ЕУ, а истовремено да ја подобрат благосостојбата на своите граѓани и заедници.

-Владата ќе продолжи да работи активно за поддршка на социјалното претприемништво и од регионална перспектива, бидејќи само заедно можеме да создадеме поправедна и поправедна иднина за сите граѓани на земјите од Западен Балкан, истакна Битиќи.

Генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка - РИКО, Алберт Хани им порача на 50. млади претприемачи присутни на форумот да продолжат со нивната храброст и да работат на нивните идеи за надминување на социјалните прашања.

-Обидете се да добиете за тоа поддршка од РИКО и од владите и донаторите кои гледаат можност за тоа. Вие во суштина носите нова култура на донирање, култура на филантропија и всушност креирате нешто ново во нашите општества и во светот. Креирате нешто што е посветено на начинот како да извлечеме пари од донаторите и на тој начин ќе бидете водичи на донаторското општество на иднината, бидејќи не се грижите само за бизнисот, туку и за вашите општества. Вие и давате ново значење на демократијата како и на слободата, рече Хани.

Колку повеќе станувате економски понезависни, додаде, толку повеќе ќе бидете успешни. Затоа РИКО се труди да направи платформи за развој на вашите идеи.

-Верувам дека ќе придонесете за намалување на корупцијата и неказнивоста во нашите општества со фактот што со вашата економска независност ќе ги охрабрите и другите млади луѓе да бидат економски понезависни, рече Хани.

Порача дека РИКО досега поддржал преку 350 млади од регионот и додаде дека наскоро ќе објави уште еден повик со кој ќе бидат опфатени уште 200 млади социјални претприемачи и ги повика сите да аплицираат.вј/ев/

Фото: МИА архива

  

 

Остани поврзан