• среда, 26 март 2025

Социјалната работничка застрелана во Прилеп е во стабилна состојба, осомничениот пред четири дена побегнал од Демир Хисар

Социјалната работничка застрелана во Прилеп е во стабилна состојба, осомничениот пред четири дена побегнал од Демир Хисар

Прилеп, 24 март 2025 (МИА) - Социјалната работничка која денеска беше застрелана во просториите на прилепскиот Центар за социјални работи е во стабилна состојба и не е во животна опасност, информираат од прилепската болница.

-Застреланата на возраст од 36 години во Болницата е примена во 14,10 часот. Примена е во шок-соба. По направените испитувања, компјутер на граден кош и абдомен, утврдено е дека нема повреда на белите дробови, на абдомен и на ребра, а прострелната рана е поткожна. Нема зафатено ниту еден орган. Не е во животна опасност, во стабилна состојба е и ќе се лекува во прилепската болница, изјави Кире Јоноски, директор на Општа болница- Прилеп.

Според основниот јавен обвинител Стевчо Биноски, осомничениот пред 4 дена, на 20 март, побегнал од психијатриската болница во Демир Хисар од каде било пријавено неговото бегство, а се наоѓал на лекување. Осомничениот е приведен, во полицијата е. 

-Денеска тој се појавува во просториите на Центарот за социјални работи, држел пиштол, за кој немал дозвола, спрема вработена во Центарот која во претходни предмети сао овој сомничен била жртва во кривични дела. Оди во нејзината канцеларија, ја бара и во друга канцеларија кога ја нашол испукува неколку куршуми. Ја погодува во пределот на ребрата. Има влезна и излезна рана. Социјалната работничка со иницијали М.Ѓ. на 36-годишна возраст е хоспитализирана и не е во животна опасност, вели основниот јавен обвинител Стевчо Биноски.

Осомничениот со иницијали А.Ј. кој е на 50-тина годишна возраст имал повеќе кривични дела против социјалната работничка, загрозување на нејзината сигурност. Претходно тим од Центарот водел предмет против него за семејно насилство.

-Во Центарот тим водел предмет против осомничениот за семејно насилство. Но социјалната работничка имала преземено некакво процесно дејствие. Претходно тој извршил неколку кривични дела спрема социјалната работничка. Во едното дело му била определена мерката од 1,3 години во психијатриската установа Демир Хисар, а во другото дело имаше определено затворска казна, но предметот е пред апелација, изјави Биноски.

Увид направија полицијата, а обвинителството ја води истрагата. ем/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан