• сабота, 23 ноември 2024

Социјалдемократите обвинуваат за обиди за формирање ново мнозинство на десницата во ЕП

Социјалдемократите обвинуваат за обиди за формирање ново мнозинство на десницата во ЕП

Брисел, 28 октомври 2024 (МИА) – Генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), Џакомо Филибек го обвини лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер дека се обидува во формира ново мнозинство во Европскиот парламент составено од партиите на десницата, на сметка на веќе договореното центристичко мнозинство меѓу ЕПП, социјалдемократите и либералите. 

- Играта што ја игра Вебер е опасна и штетна за одржливоста на проектот на ЕУ. Она за што се договорија лидерите на трите (центристички) семејства во јуни беше создавање проевропско мнозинство за поддршка на следниот мандат на институциите на ЕУ. Проевропска позиција значи да ги браниме нашите заеднички вредности, а не да им овозможиме на радикалните десничари да го преземат креирањето политики, изјави Филибек. 

Евентуалното ново мнозинство на десницата жаргонски беше наречено „венецуелско“ откако на заседанието на Европарламентот во септември беше усвоена Резолуција за претседателските избори во Венецуела со гласовите на десните партии - ЕПП, Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), Патриотите за Европа (ПФЕ) и Европа на суверените нации (ЕСН). 

За разлика од ова, при реизборот на Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија во јули, таа доби поддршка од ЕПП, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените, што се сметаше за потврда дека и во новиот состав на Европарламентот ќе опстои претходното мнозинство на центарот.  

Но, три месеци подоцна, како што наведува „Политико“, се добива впечаток дека состојбите се променети, имајќи предвиде дека ЕПП „постојано ги омаловажува своите партнери“ и се повеќе турка агенда со поддршка од десничарските групи, како што се Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) на италијанската премиерка Џорџа Мелони, па дури и од екстремно десничарската група Патриотите за Европа (ПФЕ), предводени од унгарскиот премиер Виктор Орбан. 

Според бриселскиот портал, подготвеноста на ЕПП за соработка со партии од блокот на Мелони не претставува изненадување, имајќи предвид дека таква можност од партијата беше најавувана уште во текот на кампањата за јунските европски избори. Во прилог на ова одат и најавите дека изборот на италијанскиот кандидат за еврокомесар, Рафаеле Фито, кој доаѓа од партијата Браќата на Италија (ФДИ) на Мелони, ќе добие „силна поддршка“ од страна на европратениците на ЕПП. 

Минатата недела при дебатата за новиот Буџет на ЕУ, голем број пратеници на ЕПП, вклучително и Вебер, ги поддржаа амандманите на екстремно десничарската група Европа на суверените нации (ЕСН), со кои се бара ЕУ да финансира изградба на огради на своите надворешни граници за да спречи илегален влез на мигранти, како и да формира „кампови за депортација“ на барателите на азил на места надвор од територијата на блокот. 

Ваквото однесување на ЕПП предизвика изненадување, бидејќи досега партијата заедно со своите центристички партнери се држеше до одлуката за т.н. „санитарен коридор“ кон екстремната десница, со тоа што беа одбивани предлозите што доаѓаа од нејзините редови. 

По прифаќањето на амандманите на екстремната десница на Предлог-буџетот, лидерот на ЕСН, европратеникот Рене Ауст од партијата Алтернатива за Германија (АФД) на Икс објави дека гласањето покажало оти можат да имаат влијание во Европарламентот. 

- Германските и странските  мејнстрим медиуми веруваа дека не можеме да извршиме никакво влијание во Парламентот на ЕУ. Денеска им докажавме дека грешат, наведе Ауст во објавата. 

Портпаролот на Вебер меѓутоа ја отфрли идејата за формирање на нова неформална десничарска коалиција во Европарламентот. 

- ЕПП ја води борбата против Анти-Европејците... Јасно ги дефиниравме нашите црвени линии. Нема да има соработка со радикалите кои отфрлаат или прекршуваат кој било од нашите три основни принципи - про-украински, про-европски и про-владеење на правото. Ова се однесува на партиите и од десно и од лево. Ги следиме нашите политички и програмски убедувања, потенцира портпаролот. 

Од друга страна европратеникот Оке Зијлстра од холандската Партија за слобода (ПВВ), која е дел од групата ПФЕ, порача дека ЕПП треба самата да одлучи дали ќе го отфрли т.н. „санитарен коридор“ и ќе соработува со партиите од десницата. 

Неговиот сограѓанин и копретседател на Зелените, Бас Ајкхут, меѓутоа смета дека однесувањето на ЕПП, зависно од потребите, да се наклонува де на лево, де на десно, ќе се „распадне на парчиња кога станува збор за законодавната работа“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан