• понеделник, 23 декември 2024

Состанок за унапредување на основното образование

Состанок за унапредување на основното образование

Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Подобрувањето на начинот на кој се распределуваат и користат ресурсите е клучно за сите основни училишта да обезбедат квалитетно образование според националните образовни и инфраструктурни стандарди.

Ова е заклучокот од состанокот  за можностите за подобрување на ефикасноста, ефективноста и правичноста на буџетските расходи за основното образование, предводен од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики на добро владеење, Славица Грковска, на кој учествуваа регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан, министри претставници од Светската банка, градоначалници и пратеници.

Учесниците на состанокот се согласија дека покрај подобри на распределбата на ресурсите помеѓу основните училишта, има потреба и од обезбедување доволно финансии за општините. - Од квалитетот на образованието зависи капацитетот на човечкиот капитал што една држава го поседува. Едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси.  За жал, сите меѓународни извештаи покажуваат имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието, ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, немаме право на партиски поделби, веќе немаме право на наши и ваши реформи. Да ги засукаме ракавите сите заедно, да постигнеме консензус дека образованието и нашите млади ни се најважни и да почнеме да работиме, рече Грковска на состанокот.

Како што се вели во денешното соопштение од УНИЦЕФ, уште пред пандемијата со КОВИД-19, повеќе од половина од сите петнаесетгодишници во Северна Македонија не успеваа да ги достигнат основните нивоа на знаење по читање и математика, што е под просекот за Западен Балкан и Европската Унија. Затворањето на училиштата и прекините во учењето за време на пандемијата, додаваат, ги ​​зголемија загубите во учењето.

-За секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби. Владата на Северна Македонија вложи огромни напори да ги зголеми инвестициите и да ја подобри ефикасноста и правичноста во распределбата на трошоците во образованието за секое дете, без оглед кое е и каде живее, да добие квалитетно образование. Неопходно е силно партнерство за да го вратиме учењето на секое дете на вистинскиот пат и затоа УНИЦЕФ продолжува посветено да работи со владата и со сите партнери за ова да се оствари,“ речерегионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

Анализата поддржана од Светска Банка и УНИЦЕФ во соработка со Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува како демографските промени доведоа до недоволно искористување на просторот и персоналот во некои училишта. Спротивно на тоа, во други училишта нема доволно простор за сите ученици и недостигаат наставници, па наставата мора да се организира во две и три смени. Потребно е подобрување на ефикасноста и правичноста во распределбата на ресурсите.

-Владата работи на приближување на јавните расходи за образование, како процент од БДП, до нивоата на развиените земји, со што ќе обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти, набавка на современи наставни помагала, инклузивно образование, образование на јазиците на различни етнички заедници и професионален развој на наставниците“, рече Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

УНИЦЕФ ги поддржува централните и локалните власти да ги зајакнат капацитетите за развој и воведување на нов систем за транспарентна и правична распределба на средствата за основните училишта. Десет општини што први го започнаа процесот добиваат поддршка за подготовка на локални планови за оптимизација, во тесна консултација со учениците, родителите и наставниците.

Оваа иницијатива е дел од соработката на УНИЦЕФ со Светската банка за поддршка на напорите на Министерството за образование и наука за подобрување на адекватноста, ефикасноста, ефективноста и правичноста на јавните расходи во основното и средното образование. сст/са/

Остани поврзан