• вторник, 18 март 2025

Соренсен се сретна со Османи и Курти

Соренсен се сретна со Османи и Курти

Приштина, 17 март 2025 (МИА) – Косовската претседателка Вјоса Османи и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија Петер Соренсен денеска во Приштина разговараа за дијалогот со Србија и европската перспектива на Косово.

Како што соопшти кабинетот на Османи, таа ја истакнала важноста на политичката стабилност по парламентарните избори на 9 февруари 2025 година и потребата од што поскоро конституирање на институциите, со цел продолжување на клучните реформи за европската интеграција на земјата.

Во однос на дијалогот со Србија, Османи ја потврди посветеноста на Косово на процесот со посредство на ЕУ, нагласувајќи ја важноста од целосно и рамномерно спроведување на постигнатите договори.

Во соопштението се наведува дека на средбата со Соренсен косовската претседателка ги презентирала своите забелешки за Нацрт-статутот на Заедницата на општините со мнозинско српско население предложен од ЕУ, со кој, оцени таа, мора сериозно да се третира за да се спречи загрозување на функционалноста на државата Косово, пренесе Бета.

Во врска со интеграцијата во меѓународните организации, Османи ја повтори важноста од членството на Косово во Советот на Европа, како и во другите меѓународни организации, притоа повторно потенцирајќи го континуираното кршење на договорите постигнати во Брисел од страна на Србија, вклучително и кршењето на членот 4 од договорот од февруари 2023 година.

Таа рече дека Косово е посветено на неопходните реформи и нагласи дека, во контекст на новата геополитичка динамика, Косово треба да добие кандидатски статус за членство во ЕУ и да се забрза процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, врз основа на принципот на меритократија.

Косовската претседателка ја повтори потребата од укинување на неправедните мерки наметнати од ЕУ во јуни 2023 година, истакнувајќи го нивното негативно влијание врз животите на косовските граѓани, без разлика, како и нанесување штета на самиот процес на дијалог со тоа што го прави неурамнотежен.

На средбата било разговарано и за улогата на НАТО во одржувањето на мирот и безбедноста на Косово, покрај косовските институции, како и за улогата на ЕУЛЕКС, во контекст на соработката со меѓународните партнери во областа на безбедноста и владеењето на правото, се наведува во соопштението.

Соренсен потоа се сретна и со косовскиот премиер Албин Курти кој побара ЕУ веднаш да ги укине рестриктивните мерки против Косово.

- Премиерот побара од емисарот Соренсен ЕУ веднаш да ги укине неправедните рестриктивни мерки против Косово. Тој ја истакна нездравата контрадикторност на ЕУ, нејзините основни вредности и реформите што ги спроведува владата на Косово со голема поддршка на граѓаните, дека во исто време кога земјата го бележи најголемиот демократски пораст, дури и според меѓународните индикации, во исто време е под рестриктивни мерки на ЕУ, се вели во соопштението на владата на Косово.

Тие разговараа за процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, а во таа прилика Курти ја истакна важноста од целосна и безусловна имплементација на Основниот договор (за патот кон нормализација на односите) и Охридскиот анекс.

Новиот специјален претставник на Европската унија за дијалогот Косово-Србија, Петер Соренсен, денеска во Приштина изјави дека се надева оти разговорите наскоро ќе напредуваат.

- Дијалогот се состои во тоа вие да се сретнете, тоа вклучува компромис или не. На страните е да го дефинираат тоа, им рече Соренсен на новинарите во Приштина по состанокот со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.

Соренсен денеска пристигна во својата прва посета на Приштина по неговото назначување за специјален претставник.

Тој рече дека наскоро ќе оди во Србија.

Соренсен ја презеде функцијата специјален претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија во февруари од словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, кој ја извршуваше функцијата од 2020 година.

Тој има задача да придонесе за поттикнување на преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се во застој од самитот во Северна Македонија во март 2023 година.

Двете страни потоа не успеаја да потпишат договор за нормализација со цел да се надмине долгогодишниот политички ќор-сокак што следеше по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година. Посетата на Соренсен доаѓа само неколку дена по верификацијата на резултатите од парламентарните избори одржани во Косово во февруари.

Со оглед на тоа што ниту една партија не доби јасно мнозинство, постои ризик Косово да биде блокирано со недели или месеци во коалициски преговори, што веројатно би го одложило секој обид за рестартирање на преговорите со Србија додека не се формира нова влада, коментираат агенциите. јт/

Фото: Вјоса Османи на Фејсбук

Остани поврзан