• петок, 05 декември 2025

Соопштени кандидатите за новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година 

Соопштени кандидатите за новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година 

Брисел, 3 октомври 2025 (МИА) - Жирито за доделување на новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“ денеска ги соопшти десетте избрани трудови од областа на истражувачкото новинарство кои влегле во потесниот избор за овогодишен добитник на ова признание, што се доделува под покровителство на Европскиот парламент. 

Станува збор за сториите „Европската групација за производство на ракети МБДА продава делови за бомби што убиваат деца во Газа“ на „Дисклоуз“, „Гардијан“ и „Фолоу Мани“, „Проект за вечно лобирање“ на група медиуми предводени од „Монд“, „Принудени на кибер криминал (Кибер робови)“ на „Пари Мач“, „Кадар на смртта од широк агол“ на „Новости“, „Валкани исплати“ на „Медијапринт“, „Европска истражувачка соработка“ и 20 медиуми, „Проектот Викторија“ на „Форбиден Сторис“ и група медиуми, „Направи Молотов коктел: Како Европејците се регрутираат преку Телеграм за вршење саботажи, потпалување и убиства“ на „Делфи“, ОЦЦРП, „Пејпр Трајл Медија“, „Стандард“, „Тамедија“, ЗДФ и „РеБалтика“, „Екоцид во Ирак: Како големите нафтени компании ги претвораат мочуриштата во пустини“ на „ИРПИ Медија“, „Фондот за новинарство на Европа“ и ИЈ4ЕУ, „Тајните на флотата во сенка“ на група медиуми предводени од „Фолоу Мани“ и „Невидливиот фронт“ на „Миси Магазин“. 

Десеттемина финалисти се избрани од 316 поднесени трудови на стотици новинари од сите 27 земји членки на ЕУ. 

Овогодишниот добитник на наградата „Дафне Каруана Галиција“ ќе биде соопштен на свечена церемонија на 21 октомври во Стразбур. 

Право на учество за наградата имаат професионални новинари или новинарски тимови кои конкурираат со своја истражувачка сторија објавена или емитувана во медиуми со седиште во една од 27-те земји членки на Европската Унија. 

Лауреатот го избира независно жири, составено од претставници на медиумите и на граѓанското општество од ЕУ, како и на водечките европски новинарски здруженија. Наградата, покрај признание, носи и паричен надомест од 20.000 евра. 

Досегашни добитници на наградата се „Проект Пегаз“ на конзорциумот „Форбиден Сторис“, документарецот „Централноафриканската Република под руско влијание“ на Клемент Ди Рома и Керол Валаде, заедничката истражувачка сторија за потонувањето на брод со мигранти кај островот Пилос на „Соломон“, „Форензис“, „СтргФ/АРД и „Гардијан“ и сторијата „Изгубени во Европа“ за исчезнати малолетни мигранти без придружба по европските мигрантски рути.  

Дафне Каруана Галиција беше малтешка новинарка, блогерка и активистка за борба против корупцијата која известуваше за случаи на корупцијата, перење пари, организиран криминал и т.н. „продажбата на државјанства“ на Малта, како и за вмешаноста на малтешката Влада во скандалот со „Панамски документи“.  

По малтретирањата и заканите, таа беше убиена при експлозија на автомобил-бомба на 16 октомври 2017 година. Јавното негодување поради начинот на кој властите ја водеа истрагата за нејзиното убиство доведе до оставка на тогашниот малтешки премиерот Џозеф Мускат. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан