• понеделник, 16 декември 2024

Сообраќаен метеж низ Скопје, приватните автобуси не возат, во тек реконструкции на неколку сообраќајници

Сообраќаен метеж низ Скопје, приватните автобуси не возат, во тек реконструкции на неколку сообраќајници
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Сообраќаен метеж утринава има на повеќе сообраќајници низ градот. Приватните автобуси на „Слобода превоз“ не возат, а дополнително гужва прават почнатите реконструкции на неколку главни сообраќајници низ градот поради што сообраќајот се одвива по една или две ленти. Жителите на главниот град не можеа да стигнат на своите работни места за еден час. Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 уште вчера најавија дека денеска нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не им го исплатил долгот.

Најавија дека нивни претставници утринава ќе бидат пред Градското собрание каде што ќе побараат итен прием. Во зависност од исходот на средбата, добиените одговори и предлог решенија, ќе зависи понатамошното вршење на превозот и делување на превозниците.

Од Град Скопје утринава информираа дека приватниот превозник „Слобода превоз“ има обврска да ги почитува договорените обврски од јавен интерес. Посочуваат дека автобусите на ЈСП Скопје на линиите 9,12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување. - Апелираме до граѓаните да не веруваат на лажните вести и манипулациите кои во јавноста ги пласираат разни политички групации. Автобуси на ЈСП Скопје на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 сообраќаат редовно и без задоцнување. Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватнитте превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради се почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници, се вели во соопштението од Град Скопје. Од друга страна, во тек се реконструкции на неколку главни сообраќајници во главниот град за кои МИА пишуваше минатата недела. Во одговорот што МИА го доби од Град Скопје стоеше дека реконструкциите се на барање на граѓаните и дека се прават поради дотраеност на улиците. – На барање на граѓаните, Град Скопје инвестира во подобрување на инфраструктурата на сообраќајниците со цел подобрување на безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Во рамки на овие активности во моментов се извршуваат реконструкции на улици и булевари на повеќе локации во Скопје. Реконструкцијата на двете посочени сообраќајници се реализира поради нивната дотраеност и оштетеност, предизвикување ризик по безбедноста во сообраќајот, а истите се реализираат на повеќегодишно барање на жителите на Скопје. Крајниот рок на изведба на двата проекти кои се штотуку започнати, е на почетокот од следната година, наведоа од Град Скопје. бак/нд/      

Остани поврзан