Сончев беспилотен авион се урна во САД, по 64 дена во лет
- Одржливото воздухопловно гориво (САФ) и водородните горивни ќелии се можни решенија, како и сончевата енергија. Летовите со соларна енергија досега беа сосредоточени главно на патувања низ св
Вашингтон, 25 август 2022 (МИА) - Беспилотно летало „Зефир С“ на „Ербас“ на сончев погон, се урна во американската сојузна држава Аризона, откако мина повеќе од два месеци во воздух.
Како главен загадувач со јаглерод, авиоиндустријата цели да се префрли на „позелени“ извори енергија. Одржливото воздухопловно гориво (САФ) и водородните горивни ќелии се можни решенија, како и сончевата енергија. Летовите со соларна енергија досега беа сосредоточени главно на патувања низ светот, па и „Ербас“ со своите авиони користи обновливи извори на енергија. „Зефир“ не е комерцијален авион наменет за превоз на луѓе, туку тн. ХАПС-станица (High Altitude Platform Station - Платформна станица со поголема височина), којашто може да лета во стратосферата на висина од 21 километар, што е речиси двојно повисоко од конвенционалниот авион. Распонот на крилата на авионот е 25 метри, а тој тежи под 75 килограми. „Зефир“ може да се користи за фотографирање, радарско снимање или за автоматска идентификација на воени, институционални и комерцијални цели. Леталото мина 64 дена во непрекинат беспилотен лет. На својата максимална висина, може да обезбеди покриеност еднаква на 250 кули за мобилна комуникација и може да се користи за подобрување на поврзувањето во најоддалечените делови на светот. Остатоците од урнатиот авион сѐ уште не се најдени. Тимот на „Ербас“ сега ги анализира податоците собрани за време на над 1.500 часа лет што авионот ги минал во стратосферата, за осмислување на следната мисија. си/