• среда, 27 ноември 2024

Советот за човекови права на ОН усвои Резолуција за Белорусија

Советот за човекови права на ОН усвои Резолуција за Белорусија
Женева, 18 септември 2020 (МИА) - Советот за човекови права на Обединетите нации денеска во Женева усвои резолуција со која се повикува на брза и поголема контрола врз наводните повреди на човековите права во Белорусија. - Резолуцијата, поддржана од Европската унија, доби 23 гласа „за“, две земји беа против, додека претставници на 22 земји беа воздржани, изјави претседателката на Советот, Елизабет Тиши-Фишлбергер. Со Резолуцијата се повикува високата комесарка на ООН за човекови права Мишел Башелет да ја разгледа состојбата во Белорусија и да достави извештај до крајот на годината. Во Документот, презентиран од Германија, се изразува загриженост во врска со наводната тортура, „произволно лишување од живот“ и сексуално и родово насилство, поврзани со претседателските избори на 9 август во Белорусија. Исто така се зборува за наводно заплашување, вознемирување и притворање на противниците на владата на претседателот Александар Лукашенко, пред и по изборите. Русија, која нема право на глас како набљудувач, поднесе 17 амандмани на резолуцијата, но сите се одбиени. Гласањето е одржано по „драматична, итна дебата“ за време на која Белорусија и нејзините приврзаници, како Кина, Русија и Венецуела, се обиделе да ги замолчат говорниците како кандидатот на опозицијата Светлана Тихановскаја на претседателските избори во Белорусија. Овие четири земји тврдат дека се кршат процедуралните правила со тоа што им се дозволува на Тихановскаја и другите да се обратат. Тиши-Фишлбергер, амбасадорка на Австрија во Женева, им дозволи на говорниците да се обратат и притоа осуди голем број наводни кршења на правата во Белорусија. Тихановскаја, обраќајќи се преку видео-порака, рече дека мирните демонстранти биле „намерно тепани и силувани“ во Белорусија, додека некои биле „пронајдени мртви“. Белорускиот амбасадор Јуриј Амбражевич, пак, рече дека треба да им се дозволи само на националните пратеници да зборуваат и повика да прекине „интервенцијата на Светлана Тихановскаја“. Претседателката на Советот ја одби неговата жалба и и дозволи на Тихановскаја да ја заврши изјавата. Амбражевич возврати со обвинување кон медиумите и социјалните мрежи за прикажување „еднострана слика за реалноста, претставена од губитници на изборите“. Тој негираше, како што рече, неосновани обвинувања за сексуално насилство кон демонстрантите. Исто така, рече дека нема потврда за наводите дека исчезнувањето на некои луѓе е поврзано со протестите, истакнувајќи дека немало притвори од политички причини. Амбражевич додаде дека некои лица биле приведени во согласност со законските процедури. паг/  

Остани поврзан