• сабота, 23 ноември 2024

Совети за сезоната на крлежи

Совети за сезоната на крлежи

Скопје, 1 април 2024 (МИА) - Сезоната на крлежи трае од април до септември, па важно е однапред да се знае како правилно да ги отстраните од кожата доколку е потребно тоа.

Од заразните болести, менингоенцефалитис, меѓу другите, се пренесува преку крлеж. Тоа е воспалително заболување на централниот нервен систем, чијашто клиничка слика може да се движи од настинка до тешко воспаление на мозокот. Натаму, тука спаѓа и конго-кримска хеморагична треска што се јавува многу ретко на нашите простори, но доведува до сериозно нарушување во згрутчувањето на крвта и предизвикува обилно крвавење, а може да заврши и со смрт. Крлежот може да пренесе и рикециоза која може да се развие во потежок облик, но и лајмска болест што го напаѓа целиот организам, особено кожата, нервниот систем, зглобовите и срцето.

Стручњаците велат дека најдобар начин за заштита од крлежи е долга облека за време на престоите во природа и нанесување заштитно средство. Иако крлежот може да изгледа безопасно, секогаш треба да се биде внимателен околу тоа.

При забележување крлеж закачен на човековото тело, пред сѐ, потребни се чисти раце и дезинфицирана пинцета. Со алатката инсектот се фаќа внимателно во пределот на главата, т.е. што е можно поблиску до кожата. Потоа се извлекува нежно, полека и со рамномерни повлекувања, без никакво извртување. Битно: крлежот треба да се отстрани цел - нескинат, и без оштетување на кожата. Не се препорачува никакво масло, бензин, мраз или други слични средства, истакнуваат лекарите.

Во случај да не може да се отстранат главата или устата на инсектот, тоа треба дополнително да се извлече со пинцета - без оштетување на кожата.

Доколку не се успее, обратете се во најблиската здравствена установа. Важно е да се испита местото на каснување, да се дезинфицира и уште еднаш да се провери дали сè е отстрането од кожата.

Ако се појави оток или некоја друга промена на кожата, треба да се примени антиалергиски лек на местото на каснувањето. Антимикробната заштита по каснување од крлеж обично ја одредува компетентен лекар врз основа на придружните знаци и симптоми.

Не се препорачува: распарчување на крлежот, горење со чкорче, ниту премачкување со крема, масти или масла по каснувањето, што е неделотворно, но и контрапродуктивно и опасно по здравјето.  си/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан