• среда, 27 ноември 2024

Собраниска делегација на 106-ти Рос-Рот семинар во Варшава 

Собраниска делегација на 106-ти Рос-Рот семинар во Варшава 

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Во организација на ПС на НАТО и Сејмот и Сенатот на Република Полска, на 16 и 17 овој месец во Варшава се одржа 106-от Рос-Рот семинар на тема „Силна одбрана и демократска отпорност: Полска, адаптацијата на НАТО и идната европска безбедност”.

На семинарот, на кој присуствуваа околу 200 учесници од парламенти на земјите членки и асоцијативните членки на НАТО, државите партнери, високи официјални претставници на меѓународните организации, невладиниот сектор, универзитети, владини и претставници на истражувачки институти, од Собранието учествуваа пратениците Драган Ковачки - шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска - членови на делегацијата. 

Семинарот, како што соопшти собраниската прес-служба, го отвориле Маркос Перестрело Де Васконселос, шеф на португалската делегација и потпретседател на ПС на НАТО, Јоана Клузик-Ростковска, шеф на Полската делегација во ПС на НАТО, Симон Холовнија, спикер на Сејмот, Малгорзата Кидава-Блонска, спикер на Сенатот на Република Полска и Фабрис Филије, Амбасадор на Швајцарија во Република Полска, Цезари Томчик, државен секретар во Министерството за одбрана на Полска и Јечек Сивиера, Шеф на Националното безбедносно биро на Полска.  

-Парламентарците имаа уникатна можност да разменат мислења и продискутираат за прашања поврзани со зајакнување на Источното крило на НАТО, опкружувањата и актуелниот развој на настаните во тој регион, за поддршката на Украина и зачувувањето на поредокот базиран на правила, тековните случувања во Белорусија, заштита на демократските општества од влијанијата на автократските режими и ширењето на лажните вести и дезинформации. Имајќи ја предвид моменталната катастрофална состојба и жртвите во поплавите во Полска, сите говорници ја искористија приликата да изразат сочувство на семејствата на загинатите и солидарност со полскиот народ за справување со овие временски непогоди. Во овој контекст, беше особено потенцирана важноста од цивилна, воена и институционална подготвеност на земјите за справување и одговор на ваков вид на општествени предизвици, се наведува во соопштението.

За време на дводневниот семинар, била потврдена недвосмислената поддршка на Украина во борбата протов рускиот агресор до конечна победа и обезбедувањето на помош согласно потребите на украинскиот народ и институции, но и поддршка истовремено за победа на демократските вредности и почитувањето на меѓународното право.

Во однос на зајакнувањето на Источното крило на НАТО и состојбите на Балтикот, била поздравена улогата на Финска и Шведска по нивното зачленување во Алијансата и додадената вредност во воени капацитети.

-На темата посветена за случувањата во Белорурија, свое обраќање имаше Светлана Цикановскаја, лидер на Демократските сили на Белорусија, која ја претстави ситуацијата во земјата и мислењето на граѓаните за војната во Украина и односите со Русија. Последната тема, на која се дискутираше за соочувањето со и делувањето против автократиите и зајакнувањето на демократската отпорност, покрена низа на прашања за растечките промени во демократскиот свет, опаѓањето на слободата на говор, масовното ширење на лажни вести, дезинформациите и регулирањето на онлајн платформите за спречување на вакви појави. Ескпертите апелираа за што поскоро формирање на Демократски Центар за отпорност во рамките на НАТО, како и за измена на Етички кодекси и правила за интегритет во националните парламенти, во кои ќе се вметнат одредби и за дезинформации и интегритет на говор, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба. дма/ац/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан