• петок, 05 декември 2025

Собраниска делегација на регионална конференција за „Улогата на ефективниот парламентарен надзор во унапредувањето на процесот на пристапување кон Европската Унија“

Собраниска делегација на регионална конференција за „Улогата на ефективниот парламентарен надзор во унапредувањето на процесот на пристапување кон Европската Унија“

Скопје, 9 ноември 2025 (МИА) - На 7 и 8 октомври 2025 година, во Подгорица, Црна Гора, се одржа регионална конференција на тема „Улогата на ефективниот парламентарен надзор во унапредувањето на процесот на пристапување кон Европската Унија“. Настанот се организира во рамки на проектот на Германската развојна соработка (GIZ) – Регионална соработка за ЕУ интеграција, во соработка со Мрежата на парламентарните комисии за европски интеграции/прашања од Западен Балкан, информираат денеска од македонското Собрание.

Во име на Собранието на конференцијата учествувале Даниела Белимова и Мимоза Муса, членки на Комисијата за европски прашања, Никола Ѓошевски, заменик-генерален секретар на Собранието, како и собраниска служба.

-Во рамките на панелот на кој делегациите го претставија работењето на своите парламенти во процесот на европските интеграции, пратеничката Даниела Белимова ги информираше присутните за актуелностите во работата на Комисијата за европски прашања и ги претстави активностите и резултатите што Комисијата ги постигнала во тековниот состав. Во тој контекст, пратеничката Белимова се осврна на парламентарната дипломатија и контролно-надзорната улога што Комисијата ја спроведува во рамките на своите надлежности, нагласувајќи го значењето и улогата на Собранието во процесот на пристапување кон ЕУ. Во своето излагање таа нагласи дека активната поддршка на европската интеграција од страна на пратениците од Западен Балкан е од клучно значење за стабилноста и напредокот на регионот. Таа подвлече дека конструктивната соработка помеѓу парламентите е неопходна за постигнување на овие цели, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

На конференцијата бил претставен документот „Принципи на ефикасна контролна улога на парламентите во процесот на европските интеграции“, кој, меѓу другото, се однесува на законодавната и контролна улога на парламентите, парламентарната дипломатија, административните капацитети и комуникацијата, како и на видливоста на парламентите во процесот на европските интеграции.

Наведениот документ предлага збир на принципи кои треба да воспостават сеопфатна рамка на стандарди што ќе им овозможи на парламентите од Западен Балкан, а особено на комисиите за европски прашања, ефикасно да ја извршуваат својата улога во поддршка на процесот на пристапување кон ЕУ.

Меѓу другото, цел на конференцијата била и да се овозможи размена на искуства и најдобри практики со цел зајакнување на улогата на парламентите од Западен Балкан и нивните комисии за европска интеграција/прашања во процесот на европска интеграција. Конференцијата претставува продолжение на регионалните активности кои започнаа со средбата во Влора во септември 2024 година, на која беа усвоени „Принципите на ефективен парламентарен надзор во процесот на европска интеграција“.

На регионалната конференција учествувале членовите и службите на комисиите за европски прашања на парламентите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово и Република Северна Македонија, како и генералните секретари и нивните заменици. Покрај нив, на конференцијата учествува и претставници на Европскиот парламент, Регионалниот совет за соработка (RCC), како и меѓународни експерти од областа на европската интеграција. сст/вј/

Фото Собрание на РСМ

 

Остани поврзан