• среда, 25 декември 2024

Собраниска делегација во набљудување на парламентарните избори во Aзербејџан    

Собраниска делегација во набљудување на парламентарните избори во Aзербејџан    

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Делегација на Собранието во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), во состав Моника Зајкова, шеф на Делегацијата, Халил Снопче и Никола Мицевски, членови на  Делегацијата, учествуваше во Мисијата на ПС на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Азербејџан, што се одржаа  на 1  септември 2024 година, информираат од собраниската прес-служба.    

Мисијата на ПС на ОБСЕ, како што се вели во соопштението, се состои од парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, кои се распоредени за набљудување на парламентарните избори во главниот град Баку, како и во другите региони на Азербејџан. Набљудувачите на ПС на ОБСЕ тесно соработувале со колегите од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР), со цел да добијат повеќе информации за спроведување на предвремените парламентарни избори во земјата.

Околу 60 краткорочни набљудувачи на ПС на ОБСЕ биле распоредени во Азербејџан за предвремените парламентарни избори на 1 септември, што е единаесетти пат Парламентарното Собрание да ги набљудува изборите во земјата од 1995 година.

Лидер на краткорочната набљудувачка мисија на ПС на ОБСЕ е  Мајкл Крид (Ирска), специјалниот координатот и шеф на ирската делегација во Парламентарното собрание на ОБСЕ како и Луси Потичкова (Чешка), претседател на Генералниот комитет за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, која беше шеф на делегацијата на набљудувачи на ПС на ОБСЕ.

Набљудувачите биле темелно информирани од претставници на изборната администрација, граѓанското општество, кандидатите, партиските претставници и експертите за ситуацијата пред изборите, пред да одат во неколку региони на Азербејџан за набљудување на денот на изборите.

-Овие предвремени парламентарни избори се значајни, особено во контекст на неодамнешните предвремени претседателски избори одржани пред само шест месеци и претстојното домаќинство од страна на Азербејџан на голем меѓународен настан на ОН за климатските промени КОП29. Тимовите за набљудување ќе обезбедат непристрасна и темелна проценка, со единствена цел да се поддржи почитувањето на демократските стандарди и вредности, како и фер и транспарентен изборен процес за народот на Азербејџан. Изборите ќе се оценуваат според демократските заложби содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година. Прелиминарните наоди и заклучоци за изборите ќе бидат претставени на прес-конференција во Баку на 2 септември, се вели во соопштението.

Двата тима на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија ги набљудувале изборите во различни делови на главниот град Баку и околината, каде што посетија по десетина изборни места и поднесоа писмени извештаи за своите согледувања.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. сст/аа/

Фото: Собрание

 

 

Остани поврзан