• петок, 08 ноември 2024

Дебатата за нови министри ќе продолжи во 20 часот, стартуваа пратеничките прашања

Дебатата за нови министри ќе продолжи во 20 часот,  стартуваа пратеничките прашања

Скопје, 23 февруари 2023 (МИА) - Собраниската седница за избор на новите членови на Владата ќе продолжи во 20 часот и веќе стартуваше седницата за пратенички прашања. Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 104. седница за реконструкцијата на Владата, откако почна терминот на пленарната седница за пратеничките прашања.

За расправата по втората точка од 104. седница - Предлог за избор на членови на Владата се пријавија 38 пратеници, а претходно по неколкудневна расправа беа разрешени министрите за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор Џемаил Чупи.

Џафери рече дека за изборот на членови на Влада се отвора општа расправа и гласањето е поединечно.

- Една заедничка расправа, а гласањето поединечно, рече тој.

Во процедурална забелешка координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека спикерот Џафери претходно дозволил поединечно изјаснување, односно дискусија за секој од тројцата разрешени министри, а сега ја спојува дискусијата за четири министри во една.

- Логички е на толку тензија, на толку собрани министри за разрешување нивни колеги, да дозволите да се направи расправа поединечна за сите овие четири предлог-кандидати, да продискутираме. На крајот никој не ви брани да гласате и да завршите со кршење на Деловникот, рече Мицевски.

Тој пред гласањето за разрешување на министрите од редовите на Алтернатива процедурално обвини дека поместувањето на почетокот на седницата за пратенички прашања е со цел да се опструира опозицијата да поставува прашања и оти целта е, како што вели, „да се наелектризира Собранието и да има тензии доведувајќи ја седницата на раб на инцидент“.

- Ваков преседан со пратенички прашања немало и вие сте пионер иноватор во кршење на Деловникот, рече Мицевски и побара седницата за гласање за разрешување на министрите да се закаже во 19 часот.

Џафери му одговори дека одлуката за пролонгирање на почетокот на седницата за пратенички прашања е донесена согласно Деловникот на Собранието. вг/фф/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан