• четврток, 19 март 2026

Собраниската Комисија за транспорт ги проследи на натамошна постапка предлог-измените на Законот за изградба на коридорите 8 и 10 д

Собраниската Комисија за транспорт ги проследи на натамошна постапка предлог-измените на Законот за изградба на коридорите 8 и 10 д

Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање го проследи на натамошна постапка предлог-законот за изменување на Законот за утврдувањето јавен интерес и номинирањето стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово - Гостивар - Букојчани и проектот за автопатот Требеништа - Струга - Ќафасан) и на Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп - Битола), по скратена постапка.

Како што објасни заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Aлександар Николоски, со постојниот закон е предвидено финансирањето на проектот да се врши исклучиво од буџетот на државата, а со измените се остава простор тоа да се прави и од посебната сметка што ја има Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

- ЈПДП како инвеститор во проектот има сериозна количина сопствени приходи што доаѓаат од разни извори - акциза, давачки што се плаќаат при акциза на горива.. има солидна сума што годишно ја добива, а има и можности да користи други финансиски механизми, кои буџетот не може да ги користи. Имајќи предвид дека се забрзува динамиката на работа на автопатите и на овие делници, предлагаме можност и ЈПДП од сопствени приходи да го финансира проектот како негов инвеститор. Тоа е измената - истакна Николоски.

Митко Трајчулески од СДСМ оцени дека предложената законска измена е бајпасирање на состојбата. Добро е што ова се прави, но, државата, рече, мора да води повеќе сметка зашто ваквиот тип на проекти ќе станат голем товар за ЈПДП, кое потоа не ќе може да ги спроведува другите проекти. 

- Ова денес што го прави Владата е начин на бајпасирање состојба. Се бара начин како да се задржи динамиката на проектот, а реалната слика е дека државата нема доволно пари за спроведување на своите стратешки национални интереси, како што е овој проект. Не гледам дека во рамките на буџетот соодветно се водело сметка за доволно алоцирање средства. Без разлика на добрите приходи, за ЈПДП овој проект ќе претставува голем товар, што понатаму ќе се одрази врз реализацијата на другите проекти. Претпријатието нема да има доволно финасиски ресурси и затоа мора да остане обврската да биде финансирано од страна на државата. Проектот беше најсилно критикуван од тогашната опозиција, а сегашна Влада. Но, добро е што таа го препозна како стратешки, со големо значење за државата. Со затворање на автопатските делници и двата коридора, со реализација на брзата пруга, ќе станеме крстосница на Балканот преку која ќе се одвива најголемиот транзит на стока и патници. Се докажа дека новиот начин на градба и методологијата придонесоа за сериозна динамика. Ова е единствениот проект досега што тера со одлична динамика. Динамиката го следи планираното - истакна пратеникот од СДСМ.

За збор се јави и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, кој потсети дека оваа Влада во однос на проектот наследи низа проблеми - недефинирани парцели, несредени имотно-правни односи...

- Имаме Влада која е длабоко посветена на стратешките цели. Некои проекти досега беа само мисловна именка. Реализацијата на овие проекти укажува на зголемата ефикасност на институциите, во случајот, пред сè, на ЈПДП, кое има доволно стабилно рабоптење и може да се посвети на реализација на овој проект - потенцира Јаревски. мч/са/

Фото: принтскрин

 

 

 

Остани поврзан