• сабота, 23 ноември 2024

Вработувања, поголема финансиска поддршка и поскоро носење на новиот закон, побара ревизорот Ацевски во Собранието

Вработувања, поголема финансиска поддршка и поскоро носење на новиот закон, побара ревизорот Ацевски во Собранието

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Директорот на Државниот завод за ревизија Марјан Ацевски денеска во Собранието во рамки на продолжението на 120. седница го презентираше извештајот за работата за 2022 година и притоа пред пратениците побара нови вработувања, поголема финансиска поддршка и поскоро носење на новиот закон за државна ревизија. 

-Верувам дека нашиот квалитет на работа, нашата професионалност и интегритет ќе претставува и ќе побуди интерес во наредниот период да се обезбедат доволно човечки, материјални и финансиски ресурси за работа на Државниот завод за ревизија, соодветно вреднување на трудот на вработените, донесување на новиот закон за државна ревизија кој верувам и чекувам дека ќе биде веќе во собраниска процедура и вреднување на Државниот завод за ревизија како врвна ревизорска институција во Уставот на Република Северна Македонија, истакна Ацевски.  

Државниот завод за ревизија во 2022 година ја реализираше Годишната програма за работа со која биле опфатени 188 ревизии. Како што кажа државниот ревизор утврдени се 1.242 состојби, дадени се 775 препораки содржани во 223 ревизорски извештаи, во кои се презентирани фактички информации за работењето на ревидираните субјекти.

-Во однос на показателите од нашето работење, со ревизиите во 2022 година го зголемивме опфатот на ревидирани расходи во однос на вкупните буџетски
средства. Во исто време ја зголемивме додадената вредност од извршените ревизии, пред сè во висината на утврдени помалку пресметани, помалку вратени или помалку уплатени средства во Буџетот на Република Северна Македонија што укажува на фактот дека придонесот на ДЗР кон зајакнување на институциите и менаџерската одговорност е сè позначаен во нашето општество, рече Ацевски. 

Со извршените ревизии, кажа тој, додадената вредност обезбедува поврат во Буџетот во однос 1:11, односно еден буџет на ДЗР обезбедува поврат во буџетот на државата во износ од најмалку 11 буџети на ДЗР.

- Односно ненаплатени, или помалку пресметани и уплатени средства во Буџетот на државата изнесуваат една милијарда и 464 милиони денари односно 23 милиони евра, рече Ацевски. 

Седницата беше прекината и ќе продолжи во 15 часот.  

Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери информираше дека од 112 седница предлагачите повлекле неколку закони. 

По паузата, пратениците треба да продолжат со расправа по заостанати точки од дневниот ред од 129., 117. и 115. седница. ев/са/   

ФОТО: Принтскрин

Остани поврзан