• вторник, 16 декември 2025

Собранието ја почна 76. седница со опозициски прашања

Собранието ја почна 76. седница со опозициски прашања

Скопје, 16 декември 2025 (МИА) - Собранието ги прифати предлозите на Владата на дневен ред на 76. седница по скратена постапка да се донесат измена на Законот за буџети, законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за Фотонапонска електроцентрала Битола 3, кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за Фотонапонска електроцентрала Битола 3 и за дополнително финансирање на Проектот за ревитализација на хидроелектрани, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова - КфВ и АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, и измени и дополнување на Законот за експропријација.  

Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека со предложеното решение се врши усогласување на одредбите од Законот за буџети со системските правила што произлегуваат од Законот за административни службеници. Поаѓајќи од статусот на државни службеници на вработените во стручната служба на Фискалниот совет, се предвидува нивниот статус, вклучително и платите и надоместоците, да се уредуваат согласно Законот за административни службеници и прописите донесени врз негова основа. Поради тоа, одредбата од член 11-а се брише поради потребата од целосно усогласување со системското уредување на платите на административните службеници, при што дополнително и посебно пропишување на нивните плати во Законот за буџети не е системски оправдано. Исто така со предложеното решение се одлага примената на Законот за буџети од 1 јануари 2028 година поради потребата од воспоставување на интегрираниот информационен систем за управување со јавните финансии. 

Исто така на предлог на пратеници од владејачкото мнозинство по скратена постапка ќе се носат и измени на законите за прекршоци и за извршување на санкции, дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, измени на Законот за полиција, измени на Законот за возила и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Дел од овие закони што пратениците предлагаа да се носат по скратена постапка се однесуваат на воведувањето на „Безбеден град“. 

По гласање на дневниот ред седницата продолжи со поставување на опозициски прашања. 

На дневен ред на 76. седница се и Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против налегалната миграција, во прво читање се Предлог на законот за дополнување на Законот за јавните патишта, Предлог на законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди.

Пред пратениците се и Предлогот за именување член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог на одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан, Предлог на одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија и Предлог на законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел. 

Пратеникот Талат Џафери од ДУИ бараше од дневен ред да се тргне Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против налегалната миграција критикувајќи дел од наводите во неа, како и точката за продолжување на мигрантската криза. - Според вас, секој што опозициски ќе делува кривично ќе одговара во оваа држава? Среќна 1949, рече Џафери.  

Претходно денеска Собранието констатираше престанок на функцијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. ев/са/   

ФОТО: Принтскрин


 
 

Остани поврзан