• понеделник, 23 декември 2024

Собранието ја започна 73-та седница, дневниот ред се уште не е усвоен

Собранието ја започна 73-та седница, дневниот ред се уште не е усвоен
Скопје, 7 јуни 2022(МИА) - Собранието денеска почна со работа по нова 73. седница, за која сè уште не е утврден дневниот ред. Предложени се 12 точки, по кои треба да работат пратениците, меѓу кои, две предлог-одлуки за испраќање на војници во меѓународни операции, две ратификации, измени на Законот за платите на судиите, како и на членовите на Судскиот совет, измени на Законот за сигурност на железничкиот систем, како и измени на Законот за средното образование. Пратениците предлагаа и точки за да се дополни дневниот ред, меѓу кои и Предлог-закон за измена на Законот за акцизи, предложен од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кој предвидува намалување на акцизите за 50 проценти. Овој предлог не беше прифатен од мнозинството пратеници. Потребата зошто треба да се донесе Законот за плати на судиите, по скратена постапка, ја образложи министерот за правда Никола Тупанчески. Тој рече дека измените на законот за плати на судиите ќе придонесе за поефикасно работење на судството и јавното обвинителство. - Не се работи за суштинска измена на Законот. Станува збор за линеарно зголемување на платите на судиите и членовите на Судскиот совет за 15 проценти, објасни министерот. Тој појасни дека не се работи само за зголемување на платите на судиите и јавните обвинители, туку и на јавнообвинителската и судската служба. Потребата од донесување по скратена постапка на Предлог на закон за изменување на Законот за сигурност во железничкиот систем, ја образложи заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи, кој рече дека не се работи за големи измени, туку само се предвидува нов рок на задржување на поголемите возови за влечење, наместо 12 месеци, новиот рок да биде 24 месеци. Меѓу предлозите, кои се најдоа на дневен ред е и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад, по скратена постапка. Пратениците треба да го разгледаат и Предлог на закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на ТЕН-Т проектот за автопат од Скопје до границата со Косово, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта, по скратена постапка. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дневниот ред да се дополни со Предлог на Кодекс за престанување на важење на Кодексот за етничко однесување на пратениците. - Кога имаме еклатантен пример на непочитување на Деловникот, службениците, колегите, побаравме да се дискутира за тоа, одлуката е на крај индивидуална. Меѓутоа дискусија мораше да има. И ние се доведовме до ситуација да владиното мнозинство реши да не се дискутира на темава, нагласи Мицевски. Тој посочи дека на оние на коишто устата им е полна со транспарентност, гласаа против да се „отвори темата“ за претседателот на Собранието, Талат Џафери. - Барам Кодексот да биде ставен како точка на дневен ред, побара Мицевски. Кодексот не беше ставен на дневен ред, бидејќи, како што рече собранискиот претседател Џафери, не се преведени материјалите. По двочасовна работа, претседателот на Собранието даде еден час пауза. ир/сп/

Остани поврзан