• сабота, 23 ноември 2024

Собранието сè уште не го утврди дневниот ред на 71 седница

Собранието сè уште не го утврди дневниот ред на 71 седница
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Во Собранието денеска продолжение на 71-та седница, за која сè уште не е утврден дневниот ред. И денеска, како и вчера, во Парламентот владее тензична атмосфера меѓу пратениците од опозицијата и претседателот на Собранието Талат Џафери. Опозициските пратеници го обвинија Џафери дека го толкува Деловникот како што сака и не им дава доволно време да ги образложат нивите предлози. Тие повторно бараа нивните 10 предлог-закони да бидат ставени на дневен ред на 71 седница. Освен тоа, бараа и промени на дневниот ред, односно дел од точките ставени подолу на листата да се најдат меѓу првите точки за разгледување. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков побара на дневниот ред на седницата да биде ставен и Предлог-законот за стоковите резерви. Тој посочи дека со измена на Законот за стокови резерви, ќе се овозможи на Агенцијата за стокови резерви да располага и откупува оризот. - Во ек е сеидбата на оризот, многу значајна земјоделска култура. Ни се заканува глобална прехранбена криза и редно време е да се почитуваат напорите на оризопроизводителите и оризот да биде додаден како култура од особен интерес за граѓаните како што се пченката, пченицата, јачменот, сточната храна и готварската сол, изјави Лефков. Тој го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери дека грубо го крши Деловникот оти не им дозволува на пратениците потребното време за објаснување ниту пак истиот беше ставен на гласање. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски побара Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за надворешни работи да се најде на дневен ред на 71 седница. - Предлогот, врз основа од вас испратена порака на 11.05, денеска, е доставен Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за надворешни работи. Тоа е предлог закон којшто го доставивме јас и колегата Ковачки. Што значи дека предлог законот е преведен, доставен до пратениците и веќе е дел од собраниската постапка. И бидејќи вие сте не известиле дека овој предлог закон го имаат пратениците и во собраниска процедура, јас затоа ќе се јавам за дополнување на дневниот ред, рече Милошоски. Тој, образложувајќи ја итноста на донесувањето на измените во законот, рече дека тие се потребни со оглед на тоа што се случуваат скандали со назначување на одредени амбасадори. Милошоски посочи дека заедно со пратеникот Ковачки предложиле во Законот за надворешни работи да се додаде еден став којшто ќе каже дека излагањето на тезите пред Комисијата за надворешна политика во Собранието е задолжителен дел пред преземањето на амбасадорската должност. Претседателот на Собранието даде еден час пауза. ир/дма/

Остани поврзан