• сабота, 23 ноември 2024

Собранието расправа по дневниот ред на 73-тата седница

Собранието расправа по дневниот ред на 73-тата седница
Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) – Собранието доцна вечерва ја почна расправата по дневниот ред на 73-тата седница со разгледување на Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина. Во својот говор пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки праша зошто еден месец подоцна се носи одлуката откако припадниците веќе биле испратени во АЛТЕА. -На 5 мај веќе се испратени припадниците во БиХ, а сега ние се ставаме како гласачка машина на Министерството за одбрана. Во парламентарна демократија Собранието е тоа што ја контролира Владата, а не обратно. Досега сите одлуки за мисии ги носевме едногласно и сметам дека ќе продолжиме тоа да го правиме и понатаму, рече Ковачки. Нагласи дека ова е класично непочитување на законите и посочи дека ќе треба да се повика на одговорност министерката за одбрана. Во реплика министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека станува збор за одлука за изменување на одлуката што упатува дека веќе претходно била донесена одлука за испраќање припадници на Армијата за период од јануари до јуни оваа година. -Наведено е дека доцнењето е направено заради доцнењето на контингентот од Турција во чии рамки се испраќаат и нашите војници. Во образложението пишуваме дека бараме да се продолжи рокот заради тоа што не се испратени војниците на време, појасни Петровска и додаде дека сега е за периодот мај - ноември. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека некој треба да одговара зашто 32 припадници на Армијата се испратени на мисија, а тоа не е покриено со одлука. -Некој во Министерството треба да поднесе сериозна одговорност за тоа, а министерката само се обидува да ги брани нејзините вработени. Сепак станува збор за афери кои не може да се бранат, посочи Мицевски. Александар Велјановски од истата партија рече вечерва наместо за де говори за закони со кои ќе им се помогне на граѓаните за полесно да ја пребродат кризата се расправа за не заминувањето на контингентот во јануари поради технички причини кои на нас пратениците не ни се доволно јасни ниту некој се труди да ни ги објасни. -Се поставува прашање зошто тогаш како што сега работиме после 21 часот не не повикавте да донесеме одлука за уредно испраќање на  мисијата во БиХ, рече Велјановски и додаде дека од пратениците се бара да се легализира неспособноста на раководството во Министерството за одбрана да изврши соодветна подготовка за мисија. Љупчо Пренџов од ГРОМ праша зошто во декември се носеше одлука за јануари, а сега се носи за веќе пратени на мисија. -Опозицијата е одговорна и пак ќе ви даде поддршка, бидејќи ние веруваме во НАТО, а вие само декларативно се залагате за Алијансата, потенцира Пренџов.вј/лв/

Остани поврзан