• сабота, 23 ноември 2024

Собранието продолжи со работа по полноќ по точките од 73-тата седница

Собранието продолжи со работа по полноќ по точките од 73-тата седница
Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) –  Во Собранието и по полноќ продолжи расправата по дневниот ред на 73-тата седница со разгледување на Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина. Неполн час по полноќ беше исцрпена расправата по Предлог одлуката, за која, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се гласа дополнително. Во текот на дебатата по оваа точка што започна пред 22 часот, пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, забележаа дека одлуката  се носи со задоцнување од еден месец, откако припадниците на АРМ веќе биле испратени во АЛТЕА, како и дека ова е класично непочитување на законите и преседан и посочија дека треба да се повика на одговорност министерката за одбрана. Пратениците од СДСМ пак, пријавувањето за збор на дури 18 говорници за оваа точка го оквалификуваа како политичка агресија и оти говорницата најмалку ја користат за да зборуваат за точката која е на дневен ред. Во неколкуте реплики до опозицијата министерката за одбрана Славјанка Петровска појасни дека станува збор за одлука за изменување на одлуката што упатува, вели, дека веќе претходно била донесена одлука за испраќање припадници на Армијата за период од јануари до јули, оваа година. Одлуката, појасни, е донесена во декември 2021 година, објавена е во Службен весник, и таа е во сила. -Наведено е дека доцнењето е направено заради доцнењето на контингентот од Турција во чии рамки се испраќаат и нашите војници. Во образложението пишува дека бараме да се продолжи рокот заради тоа што не се испратени војниците на време, појасни Петровска и додаде дека сега со измената упатувањето на војниците е за периодот мај – ноември. Таа ги отфрли обвинувањата дека станува збор за преседан, бидејќи слична одлука била донесен во 2019 година. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески процедурално побара со оглед дека расправата на седницата влезе во нов ден, да се даде кратка пауза со цел да се изготви решение, формално-правно, за продолжување на 73. седница во нов работен ден, по што би продолжиле со дебатата. Заменик претседателот на Собранието Горан Мисовски, кој времено ја водеше седницата, го отфрли барањето и појасни дека Собранието согласно Уставот и Деловникот е во постојано заседавање, нема потреба од издавање решение и нема пречка за продолжување со работа. Откако беше исцрпена расправата по првата точка Џафери, кој повторно заседава со седницата, ја отвори расправата по втората точка - Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“, во Република Либан. На дневен ред на седницата се и две ратификации, како и измени на Законот за платите на судиите, како и на членовите на Судскиот совет, измени на Законот за сигурност на железничкиот систем и измени на Законот за средното образование. вг/лв/

Остани поврзан