• вторник, 24 декември 2024

Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање

Собранието не го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) – Собранието во рамките на поладневниот дел од работата по дневниот ред од 14-тата седница ја заврши расправата за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, во прво читање, предложен од пратениците од Европскиот фронт, и со 64 гласа „за“ и 13 „против“ заклучи дека не е прифатлив и оти не може да се даде на натамошно читање. Седницата продолжува утре во 12 часот.

Илире Даути од Европскиот фронт посочи дека во земјава има над 1.400 места каде што се игра комар.

-Токму затоа треба да помине Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и забавни игри, рече Даути.

Нагласи дека тоа им го ветиле и на Здружението против комар од Тетово.

Елми Азири од истата коалиција посочи дека статистиките кажуваат дека во нашата држава за една година во коцкарниците има прилив од 800 милиони до една милијарда евра, што, како што рече, е речиси една четвртина од државниот буџет.

-Затоа нема причина да се одбие Предлог законот зашто со коцкањето се уништува иднината на децата и семејствата секојдневно имаат проблеми. Затоа ве повикувам да се тргнеме од нашата политичка матрица и да и дадеме предност на нашата совест, зашто сите сте свесни дека коцкарниците треба да се затворат, рече Азири.

Блерим Беџети, исто така, од Европскиот фронт истакна дека токму овој Предлог закон пред некое време беше повлечен од дневен ред на собраниска седница без почитување на процедурите.

-Има и игри на среќа на црно и треба и тие да се запрат зашто се зло за семејствата и за општеството, рече Беџети.

Овој Предлог на закон, како што истакна Сали Мурати од Европскиот фронт, има за цел да воведе построги ограничувања во игрите за среќа зашто либералниот пристап овозможува се повеќе млади да стануваат жртви на коцкањето и да бидат зависни од него.

-Зависноста од коцкање не влијае само на поединецот, туку на целото семејство. Финансиските загуби може да имаат долготрајни последици за децата и за сопружниците, рече Мурати.

Сали Сулејмани посочи дека коцкарниците во државата се на секој ќош што придонесува за зголемување на коцкањето, а тоа има длабоки последици за граѓаните бидејќи е „опасна болест која е раширена“. 

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се согласува дека треба да се затворат казината, но додаде дека ова законско решение нема да го поддржат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зашто со него се сака да се заштитат криминалот и бизнис интересите на некои луѓе од ДУИ.

-Колку лиценци се издадени во последните седум години, праша Стојаноски.

Велите, рече, дека сакате да ги тргнете коцкарниците од училиштата, а во исто време направивте онлајн казина.

-Криминал има во овој бизнис со игри на среќа и многу брзо некој ќе биде повикан на одговорност, посочи Стојаноски и додаде дека Министерството за финансии подготвува закон за игри на среќа кој ќе биде системски и кој ќе биде донесен во инклузивна постапка. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан