• сабота, 23 ноември 2024

Словенија со свој предлог за забрзување на проширувањето кон Западен Балкан

Словенија со свој предлог за забрзување на проширувањето кон Западен Балкан

Луксембург, 20 јуни 2022 (МИА)Словенечката Влада поднесува предлог да се забрза процесот на проширување на ЕУ на Западен Балкан во контекст на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова утрово го потврди новата министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, која изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но нагласи дека не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес, со цел политиката на проширување на ЕУ да остане кредибилна. Во документот што им го поднесе Љубљана на другите 26 земји членки се бара отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија, визна либерализација за Косово и доделување кандидатски статус за Босна и Херцеговина. Фајон предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Северна Македонија, Албанија, Косово и БиХ. Поддршка за Северна Македонија и Албанија се очекува да дадат повеќе министри за надворешни на ЕУ денеска, меѓу кои и на Австрија, Германија и повеќе источноевропски земји. Што се однесува до кандидатскиот статус за Босна и Херцеговина ситуација е почувствителна. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, минатата недела изјави дека БиХ треба да ги исполни зацртаните 14 приоритети договорени со ЕУ и дека доделувањето статус на кандидат без тоа би било рамно на „попуст“. Косово од своја страна останува непризнаено од пет земји членки на ЕУ, што ги отежнува преговорите за визна либерализација. Косово е единствената земја во регионот чии граѓани сѐ уште мораат да патуваат со визи во ЕУ и во земјите од Шенген зоната. тм/

Остани поврзан