• вторник, 24 декември 2024

Слободното известување на новинарите често завршува со напади и заплашувања, институциите се уште троми во казнувањето на сторителите

Слободното известување на новинарите често завршува со напади и заплашувања, институциите се уште троми во казнувањето на сторителите
Скопје, 7 ноември 2021 (МИА) – Во 2020 година Здружението на новинари на Македонија регистрираше два физички напада и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања, со што бројот на сериозни напади во земјава е 14, а е речиси три пати поголем од 2019 година. Согласно информациите на УНЕСКО, само во 2020 година во светот 62 новинари биле убиени само затоа што ја извршувале својата работа. Во период помеѓу 2006 и 2020 година над 1200 медиумски работници го загубиле животот. Во девет од десет случаи убијците остануваат неказнети. -Во текот на 2021 година, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана како и три потешки попречувања на новинарки во процесот на известување од локалните избори или вкупно пет случаи заклучно со ноември. Карактеристика за оваа и изминатата година е што повеќето напади и закани се насочени кон жени новинарки, изјави за МИА директорот на ЗНМ, Драган Секуловски. По повод Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите што се одбележува на 2 ноември секоја година, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, истакна дека многу новинари ги загубиле животите додека известувале за конфликт, но бројот на медиумски работници убиени надвор од конфликтните зони се зголемил во последните години. - Во многу земји, истражувањето за корупцијата, трговијата со луѓе, кршењето на човековите права или еколошките прашања го става во ризик животот на новинарите, изјави Гутереш. Институциите остануваат неми за нападот на околу 20 новинари на крвавиот четврток ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, на Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите симболично се собраа пред Основното јавно обвинителство со порака „27 април останува да биде симбол на неказнивоста кон напад врз новинарите“. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ги повика институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади врз новинарите и да ги казнат одговорните. ССНМ и ЗНМ иницираа законски измени во Кривичниот законик со кој ќе се стави крај на нападите врз новинарите, односно тие ќе бидат санкционирани како напад врз службено лице. - Ако правдата за 27 април не е добиена, сега имаат можност да ја поправат таа грешка. Во текот на наредниот период да го изгласаат законот, со кој на медиумите и медиумските работници ќе им овозможи отстапување од законот, односно гонење на насилниците по службена постапка, порача претседателот на ССНМ, Павле Беловски. Новинарката Душица Мрѓа која беше дел од медиумските работници кои беа нападнати во Собранието на 27 април вели дека нејзиниот напаѓач сè уште не е идентификуван. – За разлика од тоа, дел од напаѓачите на политичарите се осудени, дел правосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа и амнестирани, согласно политичките пазари што се направија. Да биде апсурдот уште поголем, ние самоиницијативно со поддршка на ЗНМ и на медиумските здруженија, поведовме свои тужби, изјави Мрѓа. За иронијата да биде уште поголема, Мрѓа раскажува дека биле омаловажувани од судиите, биле навредувани, а дел од нив им било оспорено правото дали воопшто се новинари и што барале во Собранието на 27 април. – Јас сакам оттука на сите да им одговорам, во име на сите колеги кои на 27 април бевме во Законодавниот дом и тој злогласен прес-центар, ако заборавиле што гледале на телевизија бидејќи ние бевме тие кои известуваме и нашите екипи праќаа видеозаписи и извештаи. На 27 април во Собранието, новинарите ја спасија државата одговорно тврдам дека да не бевме ние гласни колку што бевме со целокупниот терор со кој се соочивме, 27 април ќе завршеше многу покрваво со жртви. Токму затоа 27 април и крвавиот четврток не смее да се заборави и правда за новинарите мора да има, порача новинарката Душица Мрѓа. Изборниот процес празник за демократијата, а пречка за слободното известување на медиумските работници И оваа година не изостанаа нападите, заканите, вербалните притисоци врз медиумските работници кои неуморно известуваа за текот на локалните избори. - До ЗНМ стигнаа три посериозни попречувања во работата на новинарите но и уште неколку други полесни повреди на правата на медиумските работници, вели Драган Секуловски. Тој додава дека праксата покажува оти поплаките за попречување на работата на медиумските работници е поизразена за време на изборните кампањи, а имало примери кога попречувањата се случувале и на денот на изборите. Во соопштението објавено од Здружението на новинари на Македонија се вели дека во неколку одвоени инциденти, новинарите Џумадије Ибраими од ТВ Клан, Салије Садику ТВ 21 и Ферикан Арифи од Еуроњуз Албанија и други беа опструирани во нивната работа додека известуваа за изборниот процес од членови на изборни комисии, членови на политички партии и полицајци. ЗНМ ги осуди опструкциите и побара од надлежните итно да постапат и да ги решат пријавените инциденти. - Мрежата „SafeJournalists“, која застапува повеќе од 8200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на напорите на својата членка ЗНМ во подигање на свеста за проблемот со повреда на правата на новинарите особено во периоди на избори, додека правото на информирање е суштинско и се приклучува на повиците надлежните институции да ги разрешат инцидентите и да ги казнат сторителите, се вели во соопштението. Извештајот на Европската Комисија со препорака за подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите - Извештајот го истакнува проблемот за напади кон новинари и укажува дека постои потреба од подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите, вели Секуловски. Од страна на ЗНМ и новинарскиот синдикат се предлагаат нацрт – измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии кои ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа како и поголема проактивност од страна на обвинителството. Инаку, амандманите на овој закон се веќе во процедура во Собранието на Република Северна Македонија и според информациите со кои располагаат, директорот на ЗНМ посочи дека се очекува да бидат усвоени до крајот на 2021 година. - Ова е само еден чекор кон создавање на системски решенија за подобрување на состојбата на безбедноста на новинарите. Останатите решенија на кои инсистира ЗНМ се креирање на посебни одделенија во рамки на Основното јавно обвинителство кое би работело на истраги за повредите на правата на новинарите и тоа не само физички напади туку и онлајн закани и заплашувања кои се зачестени во последните години, посочи тој. Во изјава за МИА директорот на ЗНМ додаде дека од голема важност е и да се следи судската пракса, посебно за предметите во кои има оштетена странка новинар, со цел да има сознанија дали судиите ја почитуваат судската пракса од Европскиот суд за човекови права од Стразбур. На веб-страната на ЗНМ е достапен јавен регистар поделен по години, каде што се наведени кои новинари, која година и од кого биле нападнати (во случаи кога е тоа познато), како и информацијата дали случаите се пријавени во МВР. Кристина Ивановска

Остани поврзан