Славески: Ќе го ставиме на дневен ред барањето за зголемување на тарифата за приватните превозници, кога ќе имаме предлог-одлука од Арсовска
- Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски денеска во изјава за медиумите истакна дека ќе го стави на дневен ред на седницата на Советот барањето за зголемување на тарифата за приватните превозници, кога ќе има предлог-одлука од скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески денеска во изјава за медиумите истакна дека ќе го стави на дневен ред на седницата на Советот барањето за зголемување на тарифата за приватните превозници, кога ќе има предлог-одлука од скопската градоначалничка Данела Арсовска.
-Што бараме ние од Данела Арсовска? Ние бараме да достави материјал како што тогашниот градоначалник Коце Трајановски во 2017 година на 17 страници доставува до Совет предлог-одлука за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во превозот на патници по критериумот остварен километар. Тука има формули, цени на горива итн. Ова одлука е уште на сила. Не може со манипулации од типот „Охрабри се Трајко“ или слични фрази, Совет на Град Скопје да одлучува за нешто за што нема мислење од стручните служби на Град Скопје. Во оној момент во кој што ние ќе добиеме предлог-одлука од овој вид на 17 страници, нека не е 17 страници, ние сме подготвени да ја ставиме на дневен ред. Сето друго е манипулација. Никој нема побарано вонредна седница. Каква вонредна седница и врз основа на што? Нема стигнато барање за вонредна седница. И нема основа за вонредна седница, рече тој.
Упати порака до приватните превозници: „Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска“. -Таа е непредвилива жена. Може да го направи истото што го направи со вашите претходници од пред две години кога им ги укина лиценците. Можете да останете на улица. Можете да останете без леб, рече тој.
Славески нагласи дека во услови на кризна состојба, Владата е должна да ги искористи сите инструменти за непречено одвивање на сообраќајот.
-Во кризна состојба доколку дојде до блокирање на улиците, се носат булдожери и се расчистува улицата. Како може некој да блокира улица во кризна состојба? Упатувам порака до Арсовска и до Владата - доколку оваа состојба ескалира заради инаетот на Арсовска, Владата затоа што е прогласена вонредна состојба, има мерки и инструменти да го реши овој проблем со тоа што на сите ќе им даде до знаење дека кога станува за една витална дејност, не може да се поигрува со граѓаните и нивните судбини, нивната можност да стигнат до работните места, до училиште.
Славески хронолошки ја објасни целата процедура околу ова барање и преписките овие два дена што ги имаат со градоначалничката Арсовска.
-Има барање за зголемување на тарифата за изминат километар од приватните превозници. Приватни субјекти не можат да се обратат до Советот. Тоа беше направено во вторникот во доцните попладневни часови преку иницијатива на член на Советот Горан Арсов. Јас таа иницијатива ја добив во 15:30 часот. Секако дека не можев веднаш да ја препратам до градоначалникот, затоа што беше крај на работно време. Наредниот ден, односно вчера имавме седница на Совет и тоа го направив по завршување на седницата. Интересно е што и да ја разберете мојата положба како претседател на Совет и поставеноста, некој ја манипулира јавноста, има достап до мојата пошта. Иницијативата е доставена до претседател на Совет на Град Скопје и пред јас да побарам мислење од градоначалник, градоначалник дава некое мислење за кое што се информирани уште во текот на седницата на Совет, во која што воопшто тоа не е мислење, туку повторно кажува дека советниците треба да донесат одлука за зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници. Тоа не оди така. Јас кон крајот на работното време доставив барање за мислење и тоа барање по четири точки – прво дали градоначалникот поддржува зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници, второ ако поддржува да достави предлог-одлука со конкретни параметри, процент на зголемување и да даде образложение. Трето, како тоа зголемување на тарифата за приватните превозници кои како што знаете се интегрирани во системот на јавен превоз, ЈСП ги прибира парите од продадените билети, месечни билети и итн., и според одлука донесена во февруари 2017 година им исплаќа на приватните превозници. Прашањето беше како ова ќе се одрази на приходите на ЈСП. И четврто, затоа што ќе има намалување на приходите – кој е предлогот на Арсовска? Дали е тоа како ќе се надоместат тие изгубени приходи? Дали преку зголемување на услугите што ги добиваат граѓаните од ЈСП или пак дополнителни субвенции? Тоа беше барањето и на кое барање нема мислење. Во оној момент кога Арсовска ќе обезбеди мислење, односно кога ќе даде предлог-одлука до Советот, ние ќе ја ставиме на седница на Советот, рече Славески. фф/ац/
Фото: МИА