„Скопје во пет и седумнаесет“ - изложби, филмови и аудиовизуелни инсталации за 60 години од скопскиот земјотрес
- Шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Министерството за култура ја одбележува со проектот „Скопје во пет и седумнаесет“. Програмата денеска ќе се реализира со повеќе настани на неколку локации низ главниот град, а почна синоќа во паркот „Ибни Пајко“ со концерт со македонски евергрин композиции и стихови посветени на Скопје.
Скопје, 26 јули 2023 (МИА) – Шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Министерството за култура ја одбележува со проектот „Скопје во пет и седумнаесет“. Програмата денеска ќе се реализира со повеќе настани на неколку локации низ главниот град, а почна синоќа во паркот „Ибни Пајко“ со концерт со македонски евергрин композиции и стихови посветени на Скопје.
Програмата денеска ќе продолжи во Музејот на современата уметност (МСУ) каде што ќе биде отворена дигиталната изложба „Подемот и падот на Скопје“ на Државниот архив, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 1950-тите години. Изложбата во МСУ ќе може да се посети од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот.
Видеоматеријалот содржи над 300 фотографии и документи за денот на земјотресот и за сите случувања до крајот на годината – доаѓањето на армијата, обновата на градот со донации од југословенските републики и од целиот свет, деновите на солидарноста и сите официјални посети на државни претставници.
Изложбата ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ќе им додели благодарници на амбасадорите од земјите донатори по катастрофалниот земјотрес.
Според најавата од Министерството за култура, на настанот ќе се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, а од името на дипломатскиот кор обраќање ќе има амбасадорот на Полска, Кшиштов Гжелчик, како претставник на земја со чија донација е изграден Музејот на современа уметност.
Кон одбележувањето на 60-годишнината на скопскиот земјотрес ќе се приклучи и Кинотеката каде што од 18 часот ќе биде прикажан избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје. Филмовите прикажуваат автентични архивски снимки од урнатините на градот, а во нив е документирана и меѓународната помош.
Од 20 часот вечер во Кинотеката премиерно ќе биде прикажан и дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли. Филмот во исто време ќе има и онлајн-премиера која ќе се прикажува на официјалната интернет-страница на Кинотеката и на социјалните мрежи: Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб.
„Мементо“ на Димитрие Османли е снимен во 1967 година и раскажува за Јана која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер се сеќава на нејзиното минато и семејната трагедија доживеана во катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Програмата „Скопје во пет и седумнаесет“ во исто време (20 часот) ќе се реализира и во Шалтер салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, каде што креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопското кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање.
-Во партнерство со „Телеком“, дел од видеоинсертите од филмски журнали на „Филмски новости“ утре ќе одат и на видеоѕидот на „Телеком“ на плоштадот „Македонија“. Филмовите ќе имаат проекција и на видеоѕидот кај Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, а во трговскиот центар „Ист гејт“ во текот на целиот ден. Видеоинсертите ќе бидат прикажани и во МСУ, информира Министерството.
Во Музејот на Град Скопје, пак, кој е еден од највпечатливите потсетници за скопскиот земјотрес, ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија –„Зборувај за Скопје“, кој содржи ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје. Изложбата ќе биде отворена денеска и во наредните два дена.
-Повозрасните ќе се потсетат на минатиот век, а помладите на уникатен начин ќе се запознаат со животот на старо Скопје, соопшти Министерството за култура кое со Владата ги организира настаните од проектот „Скопје во пет и седумнаесет“. хс/лв/
Фото: Министерство за култура /Кинотека на РСМ