• понеделник, 23 декември 2024

Скопски Саем со парична донација и по 100 книги за СОС Детско село и ДУЦОР Партенија Зографски

Скопски Саем со парична донација и по 100 книги за СОС Детско село и ДУЦОР Партенија Зографски

Скопје, 23 април 2024 (МИА) - Во чест на 23 април, Светскиот ден на книгата, на 36. издание на Саемот на книга, Скопски Саем како организатор на саемот предаде две добротворни донации за СОС Детското село и за ДУЦОР Партенија Зографски за деца со оштетен слух.  Донациите содржат вкупно 200 книги (по 100 за секоја од двете институции) од различни жанрови од домашни и странски автори, кои, како што вели донаторот, ќе помогнат да се доближи културата за читање кај овие деца. 

Од Скопски саем велат дека оваа донација е продолжување на хуманитарната акција која се спроведува во текот на целиот Саем на книга 2024, преку која 15 денари од секоја продадена редовна влезница се одвојуваат за помош на СОС Детското село.

- Саемот на книгата постои за секоја година да нѐ потсетува за важноста на приказните кои ги дознаваме, ги читаме и ги прераскажуваме на другите. Затоа и се обидуваме овие приказни да ги споделиме со што повеќе деца, кои во нив можат да пронајдат безброј мали светови за себе. Се надеваме дека нашата донација барем малку ќе помогне за овие деца да успеат да ја најдат својата омилена приказна и да го засакаат читањето како навика, вели Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.

Подарувањето по 100 книги за СОС Детското село и за ДУЦОР Партенија Зографски за деца со оштетен слух претставува заедничка донација на Скопски саем и дел од издавачите, учесници на Саемот: Академска книга, Арс ламина, Издавачки центар Три, Сакам книги, Антолог, ПНВ Публикации, Славика либрис, Сказнувалка, Светулка нова. Исто така, Бокси како учесник на Саемот овозможува годишна претплата на електронски изданија на книги на секое дете од двете институции. 

- Читањето им дава моќ на младите генерации да учат нови работи и да ги развиваат нивните умови, без разлика читаат од печатена книга, на компјутер, таблет или пак некаде на социјалните мрежи, каде што секојдневно откриваат нови интереси и се сретнуваат со нови приказни. Во согласност со мотото на Саемот, ‘Приказна се чита’, сметаме дека секој прочитан збор е инвестирање во самите себе и затоа книгите треба да бидат неизоставен дел од животот на секој млад човек, истакна Сања Кондарко, оперативен директор на Скопски саем. ир/дма/


Фото: Скопски саем

 

Остани поврзан