• понеделник, 16 декември 2024

Сиљановска Давкова: Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори со ЕУ (ДПЛ)

Сиљановска Давкова: Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори со ЕУ (ДПЛ)

Њујорк, 26 септември 2024 (МИА) - Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи, потенцира денеска во својот говор претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред членовите на Генералното собрание на ОН. 

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, проширувањето, според Сиљановска Давкова, мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.

- Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој, рече шефицата на државата.

Целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

- Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат. Мора да научиме да се поддржуваме еден со друг, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите,  наместо да се блокираме на европскиот пат. Homo Balkanicus може да биде Homo Europicus, кога сака, истакна претседателката Сиљановска Давкова.   

Како што кажа пред Генералното собрание, за нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“.

- Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот  регион наречен „Западен Балкан“, истакна Сиљановска Давкова.

Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на соп

Таа потсети дека нашата земја како една од шесте конститутивни југословенски републики учествуваше во создавањето на ОН, и при приемот во ОН во 1993 година се соочи со голема неправда и оти се уште се соочува со тоа. Потсети дека бевме примена под привремената референца, но и со дополнителен услов „да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името“.

-Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Северна Македонија, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, рече претседателката, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународната и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.   

- Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на напредок, нагласи претседателката.

Новото име, рече Сиљановска Давкова, е формално-правна реалност и ние како одговорна земја - членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнуваме меѓународните обврски.

-Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат, рече претседателката. 

Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, рече Сиљановска Давкова, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето.

-Каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија, рече претседателката.

Зборувајќи за мултилатерализмот, Сиљановска Давкова кажа дека тој зависи и од почитувањето на меѓународните договори. Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние, потенцираше таа, ги почитуваме билатералните договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето.

Пред Генералното собрание таа потенцира дека светот е пред голем предизвик: како правното да стане и праведно, односно праведното легално и, како, она што е легално и праведно, да се имплементира.

Соочени сме со големи прашања, рече претседателката, прашувајќи дали е можен праведен мир бидејќи се соочуваме со се повеќе војни и со флагрантно кршење на Повелбата на ОН.

- Можно ли е човечко достоинство во амбиент на двојни стандарди, кога човековиот живот не е еднакво вреднуван и кога страдањата на невините жртви во конфликтите не се еднакво третирани, како да постигнеме праведен развој, како да се постигне социјална правда во услови на растечка економска, образовна, родова и дигитална нееднаквост меѓу државите и во самите држави, со сè помалобројни победници и сè побројни губитници на глобализацијата и дигитализацијата и како ќе обезбедиме генерациска правда ако продолжиме со неодговорната и неконтролирана експлоатација на ограничените ресурси, како ќе се создаде безбедна и одржлива иднина за нашите потомци, ако се продолжи со екоцидните производствени практики и конзумерски навики што оставаат свет задушен од аерозагадување, затруен со пестициди и затрупан со пластика. Со алармантното ниво на емисии на стакленички гасови што забрзано водат до климатски промени со катастрофални последици, дали ние воопшто, праѓа таа, можеме да зборуваме за одржливост или, пак, треба да почнеме да размислуваме за преживување/способност за живеење. Главниот проблем е што сите овие неправди се системски, што значи, дека ако не се легални, тогаш се премолчено толерирани. Она што е легално, за жал, не секогаш е праведно и морално, да повторам уште еднаш, рече Сиљановска Давкова. 

Обединетите нации, рече Сиљановска-Давкова, постојат за да го облагородат суровиот Тукидитов свет, со тоа што, обезбедувајќи правна еднаквост меѓу нациите, ќе ја скротат моќта на големите и ќе ги заштитат малите народи.

- Токму таа правна еднаквост е предуслов за постигнување на врвните цели на Обединетите нации – мир и безбедност, човекови права и одржлив развој. ОН постојат за да го надминат или барем да го намалат јазот меѓу легалното и праведното, подвлече Сиљановска-Давкова.   

ОН, потсети таа, превенираа нова Светска војна, но не успеаја да ги превенираат и спречат регионалните конфликти, вклучително и војната во Украина и крвопролевањето на Блискиот Исток, не успева да ја искорени гладта, да го надмине јазот меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ... Тие се главниот двигател за решавањето на глобалните безбедносни, мигрантски, здравствени, еколошки, енергетски и климатски кризи, но, додаде шефицата на државата, ретко која од нив е потполно и праведно разрешена.

- Резолуциите на ова генерално собрание ја одразуваат волјата на мнозинството нации, но не секогаш се доследно почитувани. Меѓународниот суд на правдата е крајната инстанца на правдата меѓу државите, а сепак неговите пресуди не секогаш се спроведувани, па дури и се третирани како совети, рече таа.  

Според Сиљановска Давкова, светот минува низ бурна геополитичка, економска, научна, технолошка и индустриска трансформација во која човекот има огромно влијание врз планетата, но наместо зголемена соработка и акција за горливите прашања, се интензивира геополитичкото ривалство и новата трка во вооружување што забрзано нѐ турка кон состојба што наликува на нова, втора студена војна и на Орвеловиот свет.

За да се надмине оваа политичка маргинализација, вели Сиљановска-Давкова, потребен е нов дух на мултилатерализам што ќе ги ублажи геополитичките ривалства и ќе ја зголеми довербата и соработката меѓу државите околу споделените предизвици. Тој мултилатерализам се потпира врз три столба.

Првиот столб, како што кажа, е доследното почитување на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право коешто постои за да ги заштити послабите од предаторските инстинкти на посилните.  

- Во овој контекст, македонската држава цврсто стои на ставот дека територијалните претензии и обидот да се стекне територија со сила се флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, се трансформираат во толерирани практики што ги загрозуваат светскиот мир и безбедноста. Затоа, ние ги поддржуваме заложбите за одржлив, праведен и траен мир во Украина, втемелен врз меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации. На тој план, целосно се усогласивме со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, рече Сиљановска Давкова.

Ова, вели таа, е важно за нас, бидејќи војните и конфликтите се одразуваат и на мирот и стабилноста на Југоисточна Европа и Западниот Балкан.

- Мултилатерализмот зависи и од почитувањето на меѓународните договори. Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатералните договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето, потенцира претседателката.

Вториот столб на мултилатерализмот, како што вели, е доследно спроведување на целите за одржлив развој и на сродниот Париски договор и Рамката од Сендаи за намалување на ризиците од катастрофи. 

Третиот столб на новиот мултилатерализам, Сиљановска-Давкова го гледа во поголемата посветеност кон реформата на ОН, но суштинска, а не козметичка и корективна, односно реформи што ќе го отклучат потенцијалот на ОН и ќе овозможат гласот на секоја држава, голема или мала, да биде еднакво слушнат и вреднуван.  

- Првата група реформи треба да помогнат во усогласување на ОН со новите предизвици и новите развојни приоритети. Сè почестите екстремни временски појави предизвикани од климатските промени се само предигра на тоа каква иднина нè очекува нас и нашите потомци, доколку од корен не се промени односот на човештвото кон природата и планетата. Потребен ни е нов општествен договор (Русо) , но и природен договор ( Natural Contract ─ Мишел Сера ) со кој природата ќе ја третираме како партнер, рече Сиљановска Давкова.

Втората група реформи, според неа, би ги опфаќала структурите и процедурите на Обединетите нации, почнувајќи од правилата за гласање, преку финансирањето, до автономијата на генералниот секретар.

- Како што реков, каде што има вето, честопати нема правда. Неспорен факт е дека правото на вето е легално, но, прашање е колку е праведно, кога се користи за да се парализираат процеси од коишто зависи исполнувањето на целите на Повелбата и очекувањата на народите во светот? Неопходно е Генералното  собрание да добие поголема улога во одлучувањето, како претставничко тело на народите, во духот на : We, the Peoples, We, the Nations! Легитимитетот на Советот за безбедност извира од Генералното собрание, па тој треба да функционира како своевидна коалициона влада на народите, посочи Сиљановска Давкова.

Третата група на реформи би ги зајакнала механизмите на ОН за заштита на ранливите популации и групи, што е особено важно денес, кога бројот на жртвите и бегалците, нагласува таа, е на највисоко ниво од Втората светска војна. ев/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан