• четврток, 07 ноември 2024

Сиљановска Давкова ги прими лауреатот, добитничките на награди и организаторите на 63. Струшки вечери на поезијата

Сиљановска Давкова ги прими лауреатот, добитничките на награди и организаторите на 63. Струшки вечери на поезијата

Скопје, 23 август 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими лауреатот и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2024 година, Жан-Пјер Симеон, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“, Катица Ќулавкова, добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Катрин Пиц и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, информираат од претседателскиот кабинет.

На средбата присуствуваа Тодорче Тасевски, директорот на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на фестивалот и Јордан Плевнеш, поранешниот македонски амбасадор во Франција и препејувач на поезијата на лауреатот Жан-Пјер Симеон. 

- Посочувајќи дека Струшките вечери на поезијата, со повеќе од шест децениското постоење и автентичност, го имаат приматот на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, претседателката ја поздрави годинашната богата програмска содржина и ја истакна неговата непроценлива важност за презентација на македонското и светското поетско творештво, известуваат од Кабинетот на Сиљановска Давкова. 

На средбата, претседателката упати честитки до годинашниот лауреат, францускиот поет, драматург и есеист Жан-Пјер Симеон и до добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“, академик Катица Ќулавкова,  истакнувајќи го нивниот значаен творечки, литературен и поетски придонес, како и до младите поетеси Катрин Пиц и Филипа Сара Попова, изразувајќи очекување дека овие престижни награди ќе претставуваат охрабрување и поттик за нивни натамошни меѓународни успеси. 

- Соговорниците разменија мислења за значењето и придонесот на Струшките вечери на поезијата во севкупната афирмација на македонската држава и култура, како и за важноста од постојано надградување на фестивалот и негово отворање за нови содржини и форми на поетска презентација, информираат од претседателскиот Кабинет.

Претседателката го поздрави возобновувањето на наградата „Млада Струга“ како можност за промоција на авторите дебитанти и поетите од помладата генерација, како и издавањето на специјалното издание со Брајово писмо на избор од антологиски песни на Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, со што се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо и им се овозможува на лицата со оштетен вид да ја доживеат убавината на поезијата. ир/лв/

 

Фото: Кабинет на претседателката

Остани поврзан