Сиљановска-Давкова се сретна со заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик
- Работата на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во нашата држава, беше тема на разговор на денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик.
Скопје, 20 декември 2024 (МИА) - Работата на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во нашата држава, беше тема на разговор на денешната средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и заменик-претседателот на ТИКА, Махмут Чевик.
При тоа Сиљановска-Давкова изрази благодарност за долгогодишната поддршка и за реализираните проекти, како и за личниот придонес на заменик-претседателот Чевик во таа насока.
Сиљановска-Давкова, информираат од нејзиниот Кабинет, оцени дека Република Турција од првите денови на нашата независност е наш верен пријател и сојузник, кој ни дава поддршка во сите области, посочувајќи дека меѓу нашите две земји постојат одлични билатерални односи што се протегаат на сите полиња.
Меѓу значајните реализирани проекти на ТИКА, претседателката посочи на реновирањето на повеќе училишта во земјата, реализацијата на програми за обука на медицински кадар, опремувањето на повеќе клиники и болници со современа медицинска апаратура, како и реализацијата на проекти насочени кон зголемување на учеството на жените и децата во општествениот живот.
Сиљановска-Давкова укажа на важноста на проектите за примена на современи земјоделски техники и преземање економски активности во руралните средини, како и на активностите на Агенцијата во областа на социјалниот дијалог и соработката, организирањето културни настани за поттикнување дијалог меѓу различните етнички групи и др.
Овие активности, според неа, се конкретен доказ за пријателските односи меѓу нашите две земји.
На средбата се разговараше и за идните планови на Агенцијата за реализација на повеќе проекти во земјата.
Во тој контекст, претседателката ја истакна својата посветеност за натамошно зајакнување на билатералните односи меѓу двете држави.вј/
Фото: Кабинет на претседателот