Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Словачка
- Претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Скопје, 16 септември 2025 (МИА) - Претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Ивета Хрицова.
Сиљановска-Давкова ѝ посака добредојде и успех на Хрицова во извршувањето на дипломатската мисија, истакнувајќи подготвеност за соработка. Соговорничките, како што инфдормира Кабинетот на претседателката, потсетија дека двете држави ги обединуваат наследството на светите браќа Кирил и Методиј, како и тридецениските пријателски односи.
Претседателката се заблагодари за континуираната и гласна словачка поддршка за македонските надворешнополитички цели, особено за членството во ЕУ, како и за сојузништвото во НАТО во регионалните и глобалните безбедносни прашања. Воедно оцени дека отворањето на македонската Амбасада во Братислава во 2021 година е важен придонес за унапредување на билатералното партнерство.

- Амбасадорката Хрицова потенцираше дека Словачка останува силен и искрен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на земјава и изрази уверување дека ЕУ мора да најде решение за да ги отвори вратите за прием на нови членки. Таа вети унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка во економијата, културата, образованието и одржливиот развој. Според неа, јакнењето на односите меѓу студентите, уметниците, претприемачите и заедниците е основата на вистинската дипломатија, наведуваат од Кабинетот.
Потенцираат и дека во претстојната официјална посета на словачкиот претседател Петер Пелегрини на земјава, Сиљановска-Давкова и Хрицова препознаваат ново поглавје во билатералните односи што ќе ги поттикне политичкиот дијалог и економската соработка.
Говорејќи за силните културни врски меѓу двете држави, претседателката потсети на словачкиот поет Иван Штрпка, добитник на „Златниот венец“ на годинешното издание на „Струшките вечери на поезијата“, за што амбасадорката изрази големо задоволство. бд/мч/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова