• петок, 22 ноември 2024

Сиљановска-Давкова: Време е за единство - ќе ја оправдам довербата и ќе ги инспирирам жените 

Сиљановска-Давкова: Време е за единство - ќе ја оправдам довербата и ќе ги инспирирам жените 

Скопје, 12 мај 2024 (МИА) - Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија,  свечено се заколна новоизбраната претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во Собранието пред присутните пратеници, дипломатскиот  кор и претставници на политичкиот и општествениот живот. 

Во своето обраќање таа истакна  ќе биде претседателка на сите граѓани, нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ни по верска, ниту по полова ни по било која друга разлика. 

-Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само убав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам се за да ја оправдам, истакна Сиљановска-Давкова.

Нагласи дека ќе го почитува Парламентот и ќе ги заборави лошите моменти, ќе ги помни само добрите и ќе биде, рече,  претседателка „и на левата и на десната страна“.

Од пратеничките и пратениците побара да имаат разбирање за нејзините обраќања, како што рече, „да имате разбирање евентуално за моето вето, да имате разбирање за моите предлози и, на крајот, владеење на правото е тоа што може да ја направи оваа земја европска држава. Владеење на правото, не владеење на малкумина, не владеење на неколку мажи, мислам дека ќе ми помогнете, а и јас вам“.

-Во ова Собрание јас законите ќе ги читам и ќе се обидам да укажам на женски начин дeкa не мора да дојде до вето, дека може да направиме преку обраќање некои корекции, рече Сиљановска-Давкова и нагласи дека ќе именува и предлага органи во судството, како Судски совет и Уставен суд, тргнувајќи од стручноста и компетентноста.

Говорот таа им го посвети на жените заради кои се нафатила да се кандидира затоа што сака да ги  инспирира жените, како што рече, „оние кои на Балканот често не се претседателки на држави“. Порача дека е време за единството „кое може да значи и женска филозофија, женска автентичност, бидејќи ние умееме да се грижиме не само за себе, туку пред се за сите останати“.

Среќна е што деновиве првите честитки ги добила од жени – од претседателката на Словенија, од Дорис Пак, од колешките од Венецијанската комисија и од жени на универзитети на сите континенти, а на роденденот била со амбасадорката на САД. Среќна е, исто така, и што ќе инспирира други жени, порачувајќи: „Ако можам јас да бидам претседателката, можете да бидете и вие“.

-На Западен Балкан и на Балканот се уште е жив патријархатот. Затоа јас мислам дека силните жени на поинаков начин можат да ги решаваат проблемите меѓу сите, и меѓу мажите и жените, и меѓу нациите и меѓу државите. Цврсто верувам во тоа. Дека сум во право покажува и следново - оваа држава не ја бранеле или не ја имаме само благодарение на комитите, туку и на комитките, како Сирма Војовотката. Оваа земја ја немаме само заради партизаните, туку и заради партизанките. Од Вера Циривири, Вера Јоциќ, Ибе Палиќука, истакна претседателката.

Како што рече, многу  храбри и многу умни жени видела во овој Парламент, но се  чудела зошто немаме жена премиер, претседателка на Собрание и претседателка на државата. 

-И, еве, се случи и тоа. Јас ќе го пробивам патот ама овде и од десно, среде, и од лево, јас гледам многу умни, многу посветени, жени кои ќе ги носам не само во умот, туку и во срцето. Политиката најчесто беше не уметност на можното, туку беше кој, кога, и како добива. Нас не немаше на врвните функции. Ние можеме да ја развиваме политиката како уметност на неможното, не само на можното. Многу убаво звучи кога ќе чуете дека зад успешните политичари или мажи, стојат прекрасни жени. Еве, јас ја користам приликата да кажам дека зад успешни жени, стојат прекрасни мажи, како мојот сопруг, истакна Сиљановска-Давкова.

Не само да ја феминизираат политиката, туку жените, порача таа, мора и да им помогнат на мажите „да сфатат дека не смееме да се откажуваме - тоа е еманципација“. Очекува и поголема застапеност на жени во следниот пратенички состав.

-Треба да го следиме ритамот на природата. Таа е совршен креатор, хармонизира. Не го знам точно соодносот на жените и мажите во следниот пратенички состав, но многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти... Државата е во женски род, политика е во женски род, демократија е во женски род. Македонија е во женски род. Помогнете им пратеници, витези на жените, да го изразат тоа што го имаат, а што не можеле досега. Јас ви ветувам дека тоа ќе го направам, и дека сите вие ќе бидете горди на Македонија, како што јас сум на мојот народ, како збир на индивидуи и граѓани, и мислам дека така ќе помогнеме и да се европеизираме, и да ги надминеме балканските поделби и делби. Никогаш не ни било потребно поголемо единство, рече Сиљановска-Давкова.

Нагласи дека довербата што и е дадена ќе ја оправда „не заради одговорност или долг кон партија или кон политика“, туку затоа што добила шанса да биде опкружена со многу жени. А првиот и основен критериум „за дружење“ со неа, рече, ќе биде стручност и компетентност, па потоа било која друга припадност.

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече пред 2019 година само еднаш го видела на телевизија, а дека бил единствен  човек кој тврдел и ја уверувал дека може да стане претседател и дека „тоа ќе се случи кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите“. 

-Можеби некој ќе замери дека го споменав господинот  Мицкоски. Но, еве го пред мене господинот Ковачевски. Сакам и него да го споменам.  И тој се одважи да ми се јави, не само на Фејсбук да ми посака добредојде и успешна работа, туку да поразговараме. Затоа мислам дека со нас жените ќе се менувате и вие мажите политичари и Македонија ќе стане едно пристојно место за соживот на сите... бидејќи покрај жените мојата болка и радост се младите. Не случајно се родиле овде. Ајде да исчекориме, ајде да се обидеме да смениме нешто во политиката, истакна новата претседателка на крајот од своето обраќање по свечената заклетва во Собранието. 

По свечената изјава и обраќањето Сиљановска-Давкова на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести во Кабинетот на Претседателот во „Вила Водно“ја презеде функцијата од досегашниот претседател на државата, Стево Педаровски.

Уверението за избран Претседател на Република Северна Македонија од Државната изборна комисија таа го прими вчера, на својот 71-роденден, откако беше објавен конечниот извештај од Претседателските избори одржани на 24 април и 8 мај за кои немало приговори за  постапката за сумирање на резултатите.   

Според конечните резултати, Сиљановска-Давкова добила  561 000 гласови, а 251 899 избирачи гласале за Стево Пендаровски - нејзин противкандидат и на претходните Претседателски избори во 2019 година.

Кандидатурата на Сиљановска-Давкова за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беше официјализирана на конвенција на 2 март 2024. 

Универзитетската професорка по уставно право и политички систем тогаш порача дека „Изборите ќе го означат новото време“, а нејзината изборна кампања го имаше слоганот „Македонија повторно горда“. хс/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан