• понеделник, 23 декември 2024

Сите владини институции задолжени да ги признаваат електронските уверенија за неосуденост

Сите владини институции задолжени да ги признаваат електронските уверенија за неосуденост
Скопје, 11 јануари 2022 (МИА) - Владата на денешната 132-ра седница донесе заклучок со кој ги задолжи сите органи и институции во нејзина надлежност во рамките на своето редовно работење да ги признаваат електронските уверенија од казнената евиденција, односно уверенијата за неосуденост, со подеднаква важност како и оние кои се издаваат во печатена форма. Како што соопшти владината Прес-служба, ова задолжение на Владата доаѓа по известувањето на Советот за информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи кои утврдиле дека некои вработени во јавните институции се уште барале овие уверенија да бидат во печатена форма. На седницата воедно, како дел од прифатените кадровски предлози на владината Комисија за именување, Владата ја прифати одлуката на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој да му биде предложено за в.д. директор на Фондот да го именува Фестим Халили. Како што претходно јави МИА, Владата на денешната седница го разреши Владо Бучковски од позицијата Специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија. Од Владата посочија дека му благодарат на Бучковски за сите ангажмани и напори со кои придонесе кон одржувањето на добрососедските и пријателските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија во време на предизвици кои подразбираа потреба од мудар, трпелив и посветен однос кон барањето решенија. – Се очекува, согласно разговорите меѓу премиерите на двете држави и меѓу мандатарот за премиер Ковачевски и премиерот на Бугарија Петков, двајцата нови премиери согласно заеднички утврдена методологија да ги утврдат начините, ресурсите и чекорите кон конечно решавање на отворените прашања, потпирајќи се на условите и успесите постигнати од сите чинители во досегашните процеси, посочуваат од Владата. сп/

Остани поврзан