• понеделник, 23 декември 2024

Системско решение за дијабетичарите за околу две години, најави министерот Меџити

Системско решение за дијабетичарите за околу две години, најави министерот Меџити

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити најави системско решение за дијабетичарите за околу две години, во рамките на одбележувањето на Светскиот ден за борба против дијабетесот. Ќе треба, рече, да се сменат правилници и да се договорат сите засегнати страни.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот потврди дека изминува тешка година за дијабетичарите, но нагласи дека и проблемот со тендер и буџетот ги наследиле. Тој повтори дека навистина се работи на превенцијата, макотрпно рече се работи и нагласи дека на крај има добри резултати.

- Нема да дозволам отсега натаму да доцни тендер, со претседателот на дијабетичарите се договоривме да има системско решение, нагласи Меџити, укажувајќи дека има и недијагностицирани дијабетичари, па апелираше пациентите редовно да се проверуваат.

Министерот рече дека терапијата е света работа за пациентот. Тој информираше дека од вчера има десет илјади гликомери и ленти, распределени по сите аптеки. Деновиве, уште девет илјади. Со ова, нагласи, се амортизираат сите барања од пациентите и полека, проблемот се надминувал.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Диме Велев рече дека се согласуваат со системско решение во кое пациент ќе може да си доплати за подобар квалитет. Тие тоа го барале веќе четири години.

- Со таквото решение не се губи правото на бесплатност, туку не мора да се оди до болничка аптека. Водиме институционален дијалог и не сакаме радикални мерки. Улицата не ја исклучуваме, но доколку немаме дијалог со властите и доколку нема промени, нагласи тој, укажувајќи и дека многу е важна дистрибуцијата и достапноста.

Претседателот на Националната комисија за дијабетес, Ирфан Ахмети, на прашањето, околу компликации кај дијабетичари, ако не можат редовно да го мерат шеќерот, ако не знаат колку инсулин треба да примат, одговори дека навистина бил загрижувачки недостатокот што се појавил од технички причини. Сепак додаде дека не е забележан раст на компликации, за да се подигне алармот на повисоко ниво.

- Националната комисија е тело на Министерството и заедно со министерот инсистираме на формирање на национален регистар, затоа што така ќе добиеме најпрецизно бројки за лицата со дијабет, подвлече Ахмети.

Оваа година за разлика од претходниве е најтешка за нас дијабетичарите, вели Драган Станковски од Демир Хисар, кој е дијабетичар со тип еден, близу половина век.  

- Најтешки години беа во детската возраст, кога немаше вакви инсулини, ваква терапија, кога бевме приморани да користиме свински, говедски инсулини. Лентички такви работи, немаше ништо. Шприцеви, пенкала, ништо. Варевме во гази да се стерилизираат и така. Тој тежок период беше седумдесетите, осумдесетите години, открива тој на денот на одбележувањето на Светскиот ден за борба против дијабетесот.

Станковски е претседател на Здружението „Сончева светлина“ од Демир Хисар, ги претставува лицата со дијабет од неговата општина.

- Оваа година, за разлика од претходниве, е најтешка за нас дијабетичарите, бидејќи недостатокот што се јави на гликомери и лентички. Не знам што се случува. Никогаш не било вака. Ние, сега, така речено, на „ќоро“ ставаме инсулин. Бидејќи не знаеме колку ни е гликемијата во моментот, ако немаш лентичка да измериш. Не знаеш колку единици да ставиш, за денот да го поминеш како што треба, да биде шеќерот во нормала, споделува тој.

Така да стварно, додава, не знам од кои причини.

- Еве министрите, националната комисија се вадат со тоа дека тендери, процедури. А дијабетичарот во една рурална средина како што е Демир Хисар, или во Скопје, не го интересира тоа. Од тоа му зависи животот, од лентичката, гликомерот и инсулинот, тие се неопходни, нагласува тој.

Сега еве недела две, почнуваат дистрибуција на нешто, додава, но, според него, не во количини колку што треба.

- На пример во Демир Хисар треба 116 гликомери, а пуштија само десет, открива тој, па одлучиле додека не стигнат сите, да не се дава на никој.

На денешниот настан беше кажано дека оваа година е посебна за пациентите, затоа што слават и 100 години откако го добиле правото на живот, благодарение на откривањето на инсулинот.

- На почетокот на наредните 100 години, како пациенти, сакаме да нема тендери за набавки на нашата потребна терапија, не сакаме да слушнеме за најниска понудена цена, не сакаме да не може да ја подигнеме потребната терапија поради доцнење на тендерот, не сакаме да немаме ленти, ланцети и игли, не сакаме да бидеме сконцентирани и само на нашите гликемии. На почетокот на наредните 100 години, сакаме да имаме современа инсулинска и таблетарна терапија која ќе биде достапна за секој пациент, кај кој ќе има потреба од истата. Терапија која нема да ни го регулира само крвниот шеќер, туку терапија која ќе не заштити и од други компликации, терапија која ќе го подобри квалитетот на нашиот живот од секој аспект на нашето живеење. Сакаме да имаме и право на избор за тоа која лента или кој апарат ќе го користиме - сакаме референтни цени за нив, сакаме тимски пристап во менаџирањето на нашата болест - состојба од сите овде присутни профили на здравствени работници, појасни Велев.

Мотото оваа година е „Познавај го твојот ризик, познавај го твојот одговор“.

- За таа цел и денес го одбележуваме овој 14. ноември со наше национално мото: соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија, дејствуваме пред да стане непоправливо, додаде претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

На денешниот настан беше потпишан и документ за соработка, за што Велев нагласи оти надежта е дека нема да остане само на хартија, туку чекор по чекор, ќе се почне со негова имплементација. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан