Сирени за воздушна опасност прекинаа фудбалски натпревар во Украина
- Натпреварот од првото коло од новата фудбалска сезона во Украина меѓу Рух од Лвов и Металист од Харков е прекинат денеска од безбедносни причини кога се огласија сирените за воздушна опасност

Киев, 24 август 2022 (МИА) – Натпреварот од првото коло од новата фудбалска сезона во Украина меѓу Рух од Лвов и Металист од Харков е прекинат денеска од безбедносни причини кога се огласија сирените за воздушна опасност.
Натпреварот беше прекинат по завршувањето на првото полувреме при резултат 1-1, а и почетокот на дуелот доцнеше поради воздушна опасност поради што играчите на двете екипи извесно време минаа во засолниште.
Фудбалерите на Рух и Металист на теренот излегоа нагрнати со украински знамиња, а пред почетокот на натпреварот истакнаа транспарент на кој пишуваше „Русија е терористичка држава“.
И покрај воената инвазија, Украинците вчера го стартуваа фудбалското првенство, а во премиерниот натпревар Шахтјор Доњецк и Металист 1925 од Харков одиграа без голови. ег/паг/