Симулацијата на евакуација на ученици во случај на поплави во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“
- Симулација на евакуација во случај на поплави претпладнево се изведе во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, во која покрај припадници на надлежни институции беа опфатени учениците и наставниот кадар од претпладневната смена.
Гостивар, 22 октомври 2024 (МИА) – Симулација на евакуација во случај на поплави претпладнево се изведе во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, во која покрај припадници на надлежни институции беа опфатени учениците и наставниот кадар од претпладневната смена.
Екипи на Црвен крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Брзата помош, противпожарната единица, во дваесетина минути спроведоа активности за евакуација на околу петстотини ученици од училишната зграда, даваа прва помош и транспортираа повредни лица.
- Покрај вежбите за зголемување на подготвеноста на спасувачките единици и вработените во училиштата за реакција при катастрофи, во проектот се спроведуваше и стабилизација на свлечишта во полошкиот регион, чистење и стабилизација на речните корита на Вардар, во полошките општини, рече Зуди Џелили претставник на општина Гостивар и член на општинскиот кризен штаб.
Денешните активностите се дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија со вредност од 12 милиони швајцарски франци, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во полошкиот регион.
Од почетокот на проектот во 2018 година, во општините Боговиње, Јегуновце и Гостивар, спроведено е чистење и одржување на канализациите во Гостивар и Тетово, пошумување на обесшумените подрачја, реконструкција на постоечките и инсталацијата на нови хидрометеоролошки станици и повеќе други значајни интервенции за засилување на отпорноста кон поплавите.
Денешната симулација во Гостивар е една од трите регионални вежби кои денес се спроведуваат во организација на УНДП. Покрај Гостивар, вежби на спасувачките единици ќе има во Боговиње и тетовско Бањиче. згм/дма/
Фото: МИА