• петок, 08 ноември 2024

Симсон: ЕУ со рекордно ниво на залихи на гас на крајот на грејната сезона 

Симсон: ЕУ со рекордно ниво на залихи на гас на крајот на грејната сезона 

Брисел, 12 април 2024 (МИА) - На крајот на овогодишната зимска грејна сезона, 31 март, складишта за гас ширум ЕУ беа полни над 58 отсто, што претставува рекордно највисоко ниво на гасни залихи во овој период од годината, соопшти денеска еврокомесарката за енергија Кадри Симсон.

- Овие високи нивоа на залихи се резултат на нашата успешна диверзификација во снабдувањето со енергија, напорите на граѓаните и бизнисите да ја намалат потрошувачката на гас и нашите инвестиции во обновливата енергија, што воедно ги претставуваат трите столба на нашиот план „РЕПаурЕУ“, порача Симсон. 

Според неа, и покрај многуте стравувања во пресрет на втората зима од стартот на илегалната инвазија на Русија врз Украина, од неа Европа излегува посилна од претходно, со поголема енергетска сигурност и солидарност и со почисти енергенси. 

- Високото ниво на залихи на гас во Европа значи дека пазарите се се постабилни, цените се враќаат на нивото од пред војната и Европа може да почне со самодоверба да се снабдува за грејната сезона следната зима, истакна Симсон. 

Еврокомесарката за енергија , Кадри Симсон, се заложи дека ЕУ ќе ги здружи силите за да и помогне на Украина да се справи со енергетската криза и да ја преброди зимата.

Еврокомесарката потенцира дека иако ЕУ може да биде горда на начинот како досега се справува со енергетската криза, сепак нема простор за самозадоволство.  

- Мора да продолжиме да ги поддржуваме нашите граѓани и индустријата и нашите украински пријатели. Обезбедувањето енергетска безбедност и конкурентност на Европа, намалувањето на цените и унапредувањето на транзицијата кон чиста енергија остануваат наш висок приоритет, додаде Симсон. 

Европската комисија го иницираше планот „РЕПаурЕУ“ во март 2022 година како одговор на руската инвазија врз Украина, со цел да се стави крај на зависноста на Европа од руските фосилни горива. Со планот се предвидува европските складишта на гас на 1 ноември секоја година да бидат исполнети на ниво од 90 отсто. 

Со примена на мерките од овој план, уделот на руски гас во европскиот увоз на енергенсот се намали од 45 отсто во 2021 година на 24 проценти во 2022 година, па до 15 отсто лани. Од друга страна, потрошувачката на гас во ЕУ во последниве 18 месеци се намали за речиси 20 проценти, што и влијаеше на зголемените залихи. 

На 25 минатиот месец, Советот на ЕУ им препорача на земјите членки да продолжат да ја намалуваат потрошувачката на гас за уште најмалку 15 отсто до 31 март 2025 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан