• среда, 25 декември 2024

„Симболи“ - самостојна изложба на Љупчо Бојаров

„Симболи“ - самостојна изложба на Љупчо Бојаров

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) - Во галеријата „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје вечер ќе биде отворена самостојна изложба на слики „Симболи“ од авторот Љупчо Бојаров, во рамки на културната понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година.

Проектот е поддржан од Град Скопје и од Домот на култура „Кочо Рацин“ во рамките на годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата и претставува збогатување на културната понуда за граѓаните и за сите посетители.

На оваа самостојна изложба Љупчо Бојаров ќе се претстави со триесетина дела изработени во техника – фузирано стакло. Според авторот, делата ќе бидат претставени во три тематски целини - „Симболи во предели“, „Рановизантиски симболи“ - Симболи од 4 – 6 век на територијата на Северна Македонија и „Детали“ - симболи од реконструираниот полилеј „Св. Димитрија“, Марков Манастир во 2023 година. 

-Посебно ме воодушевува играта на светлината во насликаното стакло во колоритот што е карактеристичен за моето творештво. Можностите  што ги дава техниката на фузирано стакло се неограничени и ме радуваат идните резултати во оваа техника, изјави Бојаров по повод оваа изложба.

Љупчо Бојаров е роден во 1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година и од тогаш е член на ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Добитник е на многубројни награди меѓу кои и наградите од меѓународен карактер во земјава, Чехословачка, Шведска и Италија. Реализирал 23 самостојни и меѓународни самостојни изложби во земјава, Србија, Шведска и во Црна Гора.

Учествувал на 158 групни и меѓународни групни изложби во земјава, Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, САД, Грција, Египет, Италија и во Бугарија.бт/вј/

Фото:КО-РА

Остани поврзан