• понеделник, 16 декември 2024

Силјановска Давкова: Во вториот круг очекувам поддршка од сите, особено од оние во опозицијата (ДПЛ)

Силјановска Давкова: Во вториот круг очекувам поддршка од сите, особено од оние во опозицијата (ДПЛ)

Скопје, 24 април 2024 (МИА) – Горда сум на граѓаните, не само на оние што гласаа за мене, за поддршката од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, на коалициските партнери, на мојот тим, како и  на учесниците во изборната трка. Во вториот круг очекувам поддршка од сите од сите, а особено од оние во опозицијата, изјави кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на вечерашната прес конференција во седиштето на партијата.

- Сите знаме дека изборниот процес е најстраствениот политички процес. Мислам дека во изјавите не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Резултатот е неверојатно инспиративен, благодарам за поддршката. Тоа што ќе го ветам ќе го остварам, и во тоа ве уверувам, Силјановска Давкова.

Најави дека и во вториот круг ќе се однесува кон противкандидатот со должна почит, да не се фрли сенка на она што се случуваше денеска.

- Треба да ги увериме граѓаните дека вреди да се учествува на избори бидејќи без нив нема Македонија, нема горда Македонија. Време е за обединување. Кога велам граѓани, повторувам, јас не ги делам на Македонци, на Турци, на Роми, на Власи, на Бошњаци, на Срби според тоа дали се „за“ мене или се „против“ мене – не. Јас знам дека претседател/претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила, а јас ветив дека за мене знаењето е вистинската моќ, односно знаењето води кон авторитет, дека треба да ги инспирираме, особено ние професорите, најумните, најдобрите, најспособните, најпосветени, зошто само тие можат да ја направат Македонија горда, ама без нас тоа мислам дека не ќе може да се реализира, рече Силјановска Давкова.

Таа посочи дека постојано повикувала на владеење на правото, а уште повеќе, како што наведе, на насушната потреба од единство во државата.

- Јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, ќе соработувам со премиерот, со министрите, но, ќе соработувам и со опозицијата и со невладиниот сектор, со медиумите. Мислам дека е чуден амбиентот да не гледаме на определено време редовни средби на претседателите, на премиерите со новинарите, бидејќи тие се огледалото на здравјето демократско на оваа држава, треба да си се видиме во него постојано. Значи, ве уверувам дека ќе се обидам секој ден и секому да докажам, да покажам дека сум таму не заради својата политичка кариера, туку заради Македонија, дополни Силјановска Давкова. 

Истакна дека и во регионот треба да си помагаме, а не да си одмагаме, и да направиме се за да покажеме дека не само историски, културно и географски, отсекогаш сме биле Европа и треба да станеме дел од Европската Унија.

- Мора сите форми на соработка да ги користиме. Мора да се заколнеме дека тоа што нам ни се случува нема да дозволиме да му се случува на некој друг на било која држава, на било кој наш сосед. Ако немаме ние регионален пристап и регионална борба во битката за европските интеграции, тогаш да не очекуваме поддршка од надвор, рече Силјановска Давкова.

На прашањето од кого очекува поддршка во вториот круг, таа одговори од сите. 

- Најдобро е нив да ги прашате. Меѓутоа, јас очекувам од сите, а особено од оние во опозицијата, така ми покажува логиката во политичките науки. Се надевам дека и ние знаеме некои работи а не само логиката, туку и мислам дека е тоа нормално, рече Силјановска Давкова.

На прес-конференцијата таа искажа и пофалби за медиумите за, како што наведе, објективното, неприострасно и посветено известување.

Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница покажуваат дека од обработени 80 проценти од гласовите, односно 2 806 од вкупно 3 508 избирачки места, води кандидаткта на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 282 075 гласови (39,82%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 137 450 гласови (19,42%). ар/са/

Фото/видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан