• сабота, 23 ноември 2024

Силен пад на светските берзи, Биткоинот во слободен пад

Силен пад на светските берзи, Биткоинот во слободен пад

Лондон, 5 август 2024 (МИА) - На берзите низ Европа и Азија забележан е остар пад денеска, поради стравувањата дека американската економија се движи кон забавување.

Во Лондон на отворањето на берзата клучниот индекс FTSE 100 падна за 2,3 отсто, додека Euronext 100 за 3,5 отсто.

Многу позначителен пад е забележан во Азија, каде што јапонскиот Никеи 225 падна за 12,4 проценти или 4451 поен. Ова е најголемиот пад на тој берзански индекс по поени во историјата.

Паднаа и криптовалутите. Биткоинот падна на околу 50.000 долари, што е најниско ниво од февруари.

Акциите на американските банки паднаа бидејќи стравот од рецесија ги принуди инвеститорите да ги префрлат своите пари од сектори тесно поврзани со економијата на земјата и во нешто побезбедно.

Citigroup ја предводи загубата со пад од шест отсто. Wells Fargo, Bank of America и Goldman Sachs паднаа за по околу четири проценти, додека JPMorgan Chase и Morgan Stanley паднаа за 2,5 отсто и 3,5 посто, соодветно.

Банкарскиот индекс S&P 500, кој следи кошница на големи банкарски акции, последен пат беше намален за 3,3 проценти, додека регионалниот банкарски индекс KBW падна за четири отсто.

Корисниците на големите американски брокерски куќи, пак, пријавија проблеми со пристап до сметки и услуги во услови на растечка глобална распродажба на акции.

Пријавени се илјадници проблеми при пристапот до веб-страниците и онлајн брокерските платформи за Charles Schwab, Fidelity, Robinhood и Vanguard, според Downdetector, кој ги следи вистинските нарушувања на различни услуги. Причините за прекините се уште не се познати, но се чини дека тие се темпирани да се совпаднат со отворањето на американските пазари.

Минатиот месец, брокерите и банките беа меѓу оние кои беа погодени од прекинот на услугата CrowdStrike, кој погоди милиони компјутери во глобалниот ИТ прекин. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан