• сабота, 23 ноември 2024

Си-Ен-Ен: Хакери тврдат дека украле база на податоци за руски затвореници за да се одмаздат за смртта на Навални

Си-Ен-Ен: Хакери тврдат дека украле база на податоци за руски затвореници за да се одмаздат за смртта на Навални

Москва, 1 април 2024 (МИА) - Група хакери против Кремљ добила пристап до компјутерската мрежа управувана од руската Федерална затворска служба и тврди дека добиле податоци за стотици илјади затвореници, по смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во казнената колонија, објави Си-Ен-Ен. 

Според хакерите, тие добиле пристап до базата на податоци на агенцијата, која содржи информации за приближно 800.000 руски затвореници, нивните семејства и контакти, вклучително и детали за осудениците кои ја отслужувале казната во колонијата каде Навални почина на 16 февруари.

На веб-страницата на затворската служба хакерите објавија фотографија од покојниот опозициски лидер со неговата сопруга Јулија на политички митинг.

Хакерите, кои тврдат дека се од различно етничко потекло, вклучително и руски иселеници и Украинци, ги споделија податоците „со надеж дека некој ќе може да контактира со нив и да помогне да дознае што се случило со Навални“, рече еден од кибер-напаѓачите, кој за Си-Ен-Ен изјави дека бил вклучен во пробивањето на компјутерската мрежа.

Анализата на Си-Ен-Ен откри неколку дупликати записи во базата на податоци, но таа сепак содржи информации за стотици илјади луѓе. Си-Ен-Ен, исто така, можеше да поврзе неколку имиња видени во снимките што ги споделија хакерите со луѓе кои моментално се наоѓаат во руски затвор, според јавните податоци.

Групата, исто така, доби пристап до онлајн продавницата на затворот, каде што семејствата на затворениците можат да им купат храна и ги променија цените на некои стоки на само една рубља. Ова е познато од видеата објавени од хакерите.

Хакерите „очигледно имаа целосен пристап да го направат сето ова“, рече Том Хегел, кој е главен истражувач за кибер закани во американската компанија за кибер безбедност SentinelOne. „Количината на снимени фотографии и обезбедени податоци е доста обемна“, додаде тој.

На 16 февруари беше објавено дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални починал во Казнената колонија број 3 на Арктикот. Тој беше погребан во Москва на почетокот на март.

Советот на ЕУ донесе одлука за воведување санкции против 33 лица и две институции во Руската Федерација вмешани во смртта на Навални во затворот кој е со максимална безбедност. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан