• петок, 03 јануари 2025

Си-Би-Ес Њуз: ФБИ испратило предупредување до американските професионални спортисти по серијата грабежи во нивните домови

Си-Би-Ес Њуз: ФБИ испратило предупредување до американските професионални спортисти по серијата грабежи во нивните домови

Вашингтон, 31 декемеври 2024 (МИА) - Федералното биро за истраги (ФБИ) пред две недели испратило известување до професионални спортски лиги и тимови како НБА или НФЛ дека повеќе спортисти станале жртви на кражби со насилни упади во нивните домови и дека зад тоа можеби стои организирана меѓународна банда, јави Си-Би-Ес Њуз.

ФБИ исто така им дало совет на спортистите како да се заштитат во такви случаи.

Во известувањето, кое било стандардно предупредување испратено од федерални истражители со детали за пријавените грабежи, се наведува дека најмалку девет професионални спортисти биле цел на серија насилни упади во нивните домови во периодот од септември до ноември.

ФБИ предупредило дека овие криминални дела вклучувале користење јавно достапни информации за таргетирање на домови и примена на технологии за заобикловање на безбедносните системи. Овој криминал, укажале од ФБИ, наликува на некои практики на меѓународните криминални организации.

Претходни новински извештаи укажуваа на тоа дека ФБИ истражува можна поврзаност на овие слчаи со меѓународни банди од Јужна Америка. Истражителите работат на тоа да утврдат дали низата неодамнешни насилни упади во домовите на  професионалните спортисти се поврзани и, ако е така, кои се организаторите.

На пример, пред испратеното предупредување на ФБИ, се дозна дека Лука Дончиќ, словенски НБА кошаркар кој игра за Далас Маверикс, наводно бил цел на грабеж.

Бирото ги советувало спортските лиги да ги информираат нивните спортисти за грабежите и навеле начини како да го заштитат својот имот, особено при патувања за натпревари надвор од местото на живеење.

Покрај Дончиќ, насилни упади и грабежи претходно се случиле и во домовите на НФЛ играчите, квотербекот на Синсинати Бенгалс, Џо Буроу и ѕвездите на Канзас Сити Чифс, Патрик Махоумс и Травис Келси, како и НБА кошаркарите Мајк Конли помладиот од Минесота Тимбервулфс, и напаѓачот на Милвоки Бакс, Боби Портис. Исто така и грабеж имало и кај Тајлер Сегин, од Далас Старс, тим во професионалната хокеарска лига НХЛ.

-Иако нема да потврдиме или отфрлиме постоење на конкретни истраги, ФБИ следи потенцијални закани и редовно споделува информации со нашите партнери во безбедносните органи и приватниот сектор за да помогне во заштитата на јавната безбедност. Како и секогаш, ја повикува јавноста да ги пријави кај органите за безбедност сите сомнителни активности, изјавија од ФБИ, пренесе Си-Би-Ес Њуз. кб/

Остани поврзан