• вторник, 26 ноември 2024

СЗО: Египет е земја без маларија

СЗО: Египет е земја без маларија

Каиро, 21 октомври 2024 (МИА) - Египет официјално е прогласен за регион без маларија, за што Светската здравствена организација (СЗО) упати честитки до владата во Каиро и и врачи сертификат.

-Маларијата е стара колку и самата египетска цивилизација, но сега болеста што ги мачеше фараоните припаѓа на нејзината историја, а не на иднината, рече шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. Во светот, 44 земји и една територија се сертифицирани како ослободени од маларија.

Научниците докажаа дека маларијата постои во Египет од најмалку 4000 п.н.е.. Меѓу другите наоди, болеста била идентификувана во мумијата на Тутанкамон, фараон кој владеел од околу 1332 до 1323 година п.н.е..

Според податоците на СЗО, Египет покажа дека синџирот на локално пренесување маларија преку комарците „Анофелес“ е прекинат најмалку три години.

Резултатите беа постигнати преку ригорозен мониторинг, постојано отстранување на местата за размножување и заштита од каснување од комарци.

За да добијат сертификат од СЗО, земјите, исто така, мора да покажат способност да спречат повторно појавување на преносот.

Оваа болест е предизвикана од паразити кои ги пренесуваат комарците „Анофелес“. Се манифестира со висока температура, треска, главоболка и болки во мускулите. Тоа може да биде особено смртоносно за деца и возрасни со ослабен имунолошки систем. мс/

фото: ДПА

 

Остани поврзан