• вторник, 23 јули 2024

Се уште активен пожарот кај бродското село Белица

Се уште активен пожарот кај бродското село Белица

Кичево, 15 јули 2021 (МИА) - Пожарот кој пред два дена избувна во атарот на село Белица, бродско, се уште е активен, но, оневозможено е негово натамошно ширење по интервенција од воздух и од земја. Граданочалникот на Македонски Брод Живко Силјаноски посочи дека на огнената стихија се делува со хеликоптер од воздух и од земја активни се вработени од Подружницата на шумското стопанство од оваа општина, кои интервенираат со прирачен алат.

-Од вторникот попладне голем шумски пожар беснее во регионот на село Белица. Опожарена е голема површина борова шума. И покрај големата одалеченост на огненото жариште, сепак вработени на шумското претпријатие втор ден се крај самиот пожар за да спречат негово натамошно ширење, за што најмногу му одат во прилог топлото време, сушата и ветерот, вели градоначалникот кој очекува дека со интервенциите од воздух пожарот најпрво да се локализира, а потоа и да се изгасне.

Тој потенцира дека на барање на Општината Дирекцијата за заштита и спасување им ставила на располагање хеликоптер.

-Со него во текот на вчерашниот ден беше интервенирано во седум наврати на самото жариште на пожарот,  а неговата активност продолжи и во текот на денешниот ден, првенствено на локализација на пожарот, а потоа и на негова ликвидација. Од воздух ќе се интервенира се дотогаш додека за тоа постои вистинска потреба, нагласи Силјаноски.

Инаку претходните лета во неколку наврати во Порече се случија пожари од големи размери, а поради брзото ширење на огнената стихија постоеше опасност да бида опожарени и куќуте во повеќе села а од самите пожари беше направена огромна материјална штета. за/сст/

Остани поврзан