• сабота, 23 ноември 2024

Се уредуваат мурали со фолклорни обележја на влезот во Кочани

Се уредуваат мурали со фолклорни обележја на влезот во Кочани

Кочани, 11 јули 2023 (МИА) – Мурали со фолклорни мотиви на жетварки, ориз и делови од грбот на Кочани ќе ги украсуваат потпорните ѕидови на улицата „Димитар Влахов“, на влезот во градот.

Изработката на муралите е со поддршка од lокалната самоуправа, а во рамки на одбележувањето на празникот на Кочани – Петровден. Се работи за ликовно видување на академскиот уметник Дејвид Стоилковски од Куманово, со кое тој се претставува пред јавноста на поинаков начин од вообичаените изложби.

-Мотив ми беше да се застапат сите битни елементи по кои се препознава Кочани, а на ѕидовите се насликани жетвари и жетварки, ориз што е претставен во поблизок кадар и други карактеристични фолклорни елементи. За да не биде сè реалистично, на едниот мурал вклопив и сегменти од грбот на општината како составен дел на композицијата. На вториот мурал, што сè уште го работам, ќе ја има црквата „Св. Георгиј“ што е забележлива во Кочани, како и дел од Споменикот на слободата со мозаикот што го изработил Глигор Чемерски. Исто така, ќе има и мажи кои рачно жнеат ориз, а двата мурала ќе бидат како диптих, како да се споени, иако се оддалечени стотина-двеста метра еден од друг, но ќе имаат иста тематика, истакна авторот Стоилковски.

Младиот академски сликар од Куманово веќе работел на мурали во други градови во државата, како и во САД, Србија и Босна и Херцеговина. Во договор со надлежните во lокалната самоуправа на Кочани очекува согласност да наслика и друг мурал на некој повисок објект во централното градско подрачје, за да биде повпечатлив и видлив од далеку.

Со комплетирањето на муралите, ѕидовите на влезот во Кочани, што претходно се користеа за лепење политички предизборни плакати, а потоа остатоци од пропагандниот материјал го опфаќа просторот, сега добиваат поинаков и облагороден изглед.та/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан