• сабота, 23 ноември 2024

Се прошируваат услугите на Безбедносниот сервис „Копеникус“ на ЕУ

Се прошируваат услугите на Безбедносниот сервис „Копеникус“ на ЕУ

Брисел, 30 август 2023 (МИА) – Европската комисија денеска соопшти дека склучила нов договор со Сателитскиот центар на Европската Унија (СатЦен) со кој се предвидува проширување на спектарот на услуги преку Безбедносниот сервис „Копеникус“ за поддршка на надворешните и безбедносните акции на Унијата.

Договорот, наречен „Безбедносниот сервис „Копеникус“ за надворешната и безбедносната акција на ЕУ“ (СЕСА), меѓу другото, предвидува проширување на услугите поврзани со безбедноста на граѓаните и транспортот на Унијата, со дистрибуцијата на хуманитарна помош, реакции на кризи и конфликти, почитување на владеење на правото, заштита на културното наследство, поддршка на меѓународната трговија и економската дипломатија, како и услуги поврзани со предизвиците за еколошките прашања или климатската и здравствената безбедност. 

Примарна цел на сервисот „Коперникус“ е поддршка на политиките на Европската Унија преку обезбедување информации поврзани со безбедносните предизвици, како граничен и поморски надзор и помош во реализција на надворешните и безбедносните акции на ЕУ.

СЕСА првенствено се однесува на ЕУ и земјите членки, но може да ги опфати и останатите држави врз основа на договори за меѓународна соработка со Унијата.

Договорот го потпишаа генералниот директор за одбранбена индустрија и Вселена на ЕК, Тимо Песонен и директорот на СатЦен, Сорин Дукару во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и еврокомесарот за внатрешен пазар Тјери Бретон, по завршувањето на вчерашниот состанок на Министерскиот одбор на СатЦен, што се одржа во воздухопловната база „Торехон“ крај Мадрид.

Инаку, Борел денеска присуствува на неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ во шпанскиот главен град Толедо, на кој главни теми се актуелните настани поврзани со руската агресија врз Украина и нејзините глобални и регионални последици, како и ситуацијата во Нигер по воениот удар. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан