Се подобрува опременоста на делчевските пожарникари
- Од Швајцарија денеска пристигна и втората професионална скала за противпожарни интервенции на високи објекти за потребите на Територијалната противпожарна единица од Делчево.

Делчево, 1 март 2023 (МИА) - Од Швајцарија денеска пристигна и втората професионална скала за противпожарни интервенции на високи објекти за потребите на Територијалната противпожарна единица од Делчево.
Со донацијата, како што информираа од Општината, се заокружува вкупната донација од Противпожарното друштво од Шерне –Швајцарија, со што значително се подобрува опременоста на делчевските пожарникари.
- Донацијата се состои од две скали за гасење пожари високи по 22 метри и моторна пумпа со голема моќност за испуштање вода при поплави. Со ова се подобрува опременоста на делчевските пожарникари за справување со пожари на високи објекти и во урбана средина, истакнаа од Општина Делчево.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски изрази голема благодарност за поддршката од Швајцарија со која ТТПЕ-Делчево прв пат добива ваков вид опрема.
Опремата, како што додаде, е во насока на подобрување на ефикасноста на работењето на пожарникарите, посебно при интервенции на високи објекти.

- Ова е втора странска донација за Територијалната противпожарна единица од Делчево, која претходно доби две противпожарни возила –донација од Доброволното противпожарно друштво на словенечкиот град Чрномељ, додаде Трајковски. вс/цр
Фото: Општина Делчево