Се откупува рекордна реколта тутун
- До законскиот крај на откупот има уште еден месец, но тутунарите се изненадени од рекордните количества кои се откупени. Досега се откупени преку 23 400 тони по просечна цена од 399 денари за килограм. Остануваат за откуп уште 10 проценти.
Прилеп, 28 јануари 2025 (МИА) - До законскиот крај на откупот има уште еден месец, но тутунарите се изненадени од рекордните количества кои се откупени. Досега се откупени преку 23 400 тони по просечна цена од 399 денари за килограм. Остануваат за откуп уште 10 проценти.
-Таа бројка е реална, заведена е во системот. Има повеќе причини за тоа, иако ние очекувавме околу, максимум, 21 000 тони. Прво, се продолжи вегетацијата есента со дождовите, има влажност на тутунот при откуп и нема одбитоци при откупот. Ваквите бројки за новата реколта тутун се оптимистички. Со просечна цена близу 400 денари и поголеми количества, создаваат надеж за добра нова производствена година, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
Сојузот нема сознанија за некој увоз на тутун, но има за тоа што дел компании го враќаат откупеното.
-До нас нема стигнато сознание дека има увоз на тутун. Минатите години имаше, но сега немаме такви сознанија. Што се однесува дека некои откупни компании им го враќаат откупениот тутун на производителите, тие сознанија стигнаа до нас, но не знаеме зошто е тоа така. Откупувачите, законски, не смеаат да го вратат тутунот, истакна Ристески.
Тој рече дека министерот за земјоделство формирал тело за новата производствена година.
-Телото го формираше министерот за земјоделство. Во него членуваат претставници од Сојузот и од откупувачите за да се усогласат ставовите за новата производствена година која е на прагот, вели претседателот на Сојузот на тутунските здруженија.
Откупот на тутунот законски завршува на 28 февруари. Дотогаш компаниите не смеат целосно да ги затворат откупните пунктови. Сега работат редуцирано, со 30 насто од пунктовите за откуп на тутун. ем/дма/
Фото: МИА